Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана додели Награда “Илинден” и Благодарница “Илинден” по повод петнаесетгодишнината

Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана ги додели годинешните награда “Илинден” и благодарница “Илинден” По повод петнаесетгодишнината од основањето и плодната работа на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана, неговите Управни органи и претседателот г-дин Никола Ѓурѓај, донесоа Одлука за доделување на Благодарници “Илинден” и Награда “Илинден”. Благодарниците и наградата се доделуваат на лица за нивните особени заслуги за ангажман и перманентните активноси во насока на зачувување и одржување на македонскиот идентитет на припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија. Така и оваа година беа предложени повеќе лица за добивање на благодарница “Илинден” и награда “Илинден”. Од предложените беа избрани лица, кои со својот ангажман придонеле за подобрување и дисперзија на сознанијата за животот, историјата, културата и зачувување на автентичната македонска традиција на македонското население во Албанија. Благодарницата и наградата “Илинден” ги доделува и врачува лично претседателот на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана.

Оваа година Награда “Илинден” му се доделува на:

  1. „Нова Македонија“ – Првиот дневен весник на македонски јазик од далечната 1944 година, Скопје, Република Македонија

Оваа година Благодарница “Илинден” се доделува на:

  1. Г-дин Јован Шкмби – Советник на Македонска алијанса за европска интеграција во Советот на Општина Поградец и претставник во Советот на Округот Корча.
  2. Д-р Весна Мојсова-Чепишевска – Редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, поранешен директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Македонија.
  3.  М-р Иван Антоновски – Асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Македонија
  4. Г-дин Живко Лазаров – Претседател на Македонски клуб “Илинден”-Лацен, Германија
  5. Г-дин Дејан Костески – Претседател на Ракометен клуб “Енхалон“, Струга, Република Македонија
  6. Г-дин Далибор Станковиќ – Новинар во „Нова Македонија“, Скопје, Република Македонија

Претседателот на Mакедонско друштво “Илинден“-Тирана г-дин Никола Ѓурѓај им ги честитаат наградата и благодарниците на добитниците за 2024 година со надеж дека истите ќе послужат како поттик за натамошен ангажнман на наградените во нивната досегашна определба да работат во интерес на вистината за животот и ангажманите на Македонците во Република Албанија.

Advertisement