Македонско друштво “Илинден“-Тирана: Одземањето на правото на глас на Македонците надвор од Македонија е неприфатливо

Македонско друштво “Илинден“-Тирана ги осудува сите обиди за одземање на правото на глас на Македонците кои живеат надвор од Македонија. Таквиот потег е неприфатлив и претставува израз на длабоко непочитување кон Македонците во дијаспората.

Ние, Македонците надвор од Македонија, сакаме активно да учествуваме во градењето на слободна, демократска и просперитетна држава. Правото на глас ни припаѓа, пред сè, поради нашето потекло, грижата за татковината и нераскинливата врска што ја имаме со Македонија.

Македонците надвор од Македонија се важен партнер на својата татковина и интегрален дел од нејзиниот развој. Нашиот придонес е особено значаен во надворешната политика, економијата, културата и во промоцијата на Македонија во светот.

Поради тоа, Македонците надвор од Македонија мора да продолжат да го уживаат своето уставно и демократско право на глас. Ги повикуваме сите политички субјекти во Македонија да покажат почит и јасна заложба кон Македонците во дијаспората, со единствена цел – заеднички напредок и посилна Македонија – стои во соопштението на Македонско друштво “Илинден”-Тирана.