Македонско друштво “Илинден“-Тирана: Отворањето на граничниот премин Шиштавец-Крушево ќе донесе развој на обаста Гора 

Македонското друштво “Илинден“-Тирана ја поздрави одлуката на албанската влада за отворање заеднички граничен премин, кој ќе ја „поврзува областа Гора, едната на албанска а другата на косовска територија, населени со Македонци“. Станува збор за преминот кај населеното место Шиштавец, општина Кукс, Албанија и Крушево, општина Драгаш, Косово.

Македонско друштво „Илинден“-Тирана ја поздравува одлуката за отворање на граничниот премин Шиштавец-Крушево и во исто време од име на македонското население во овие области ѝ се заблагодарува на Владата на Албанија за ваквата одлука, стои во соопштението на друштвото. Се оценува дека преминот ќе биде од голема полза за Македонците на областа Гора, со оглед на тоа што се отвора можност за поголема трговска размена и соработка меѓу жителите од пограничните места.

Отворањето на преминот ќе ѝ помогне на македонската заедница во областа Гора да се зајакне економијата на жителите и да се овозможи побрз развој на оваа една од најнеразвиените области, се посочува во соопштението потпишано од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај. Во областа Гора на албанска територија распослани се десет населени места, додека на косовска, се 18 села. Сите се населени со Македонци со муслиманска вероисповед.

Advertisement