Македонско друштво “Илинден”-Тирана се надева на подобри политики во Албанија во полза на малцинствата

Македонско друштво “Илинден”-Тирана го поздрави отворањето на преговорите на Албанија со Европската Унија, со очекување на „подобри политики во полза на малцинствата”.

Го поздравуваме отворањето на преговорите на Република Албанија со ЕУ, што е во корист на сите граѓани, бидејќи европската перспектива на Република Албанија е перспектива на иднината. Ова треба да ја охрабри албанската Влада и другите актери компетентни во областа на заштита на малцинствата да направат политики во полза на малцинствата, стои во соопштението на друштвото.

Тоа, според друштвото, ќе овозможи целосно исполнување на петтата препорака на Европската унија, којашто е поврзана со подобрување на човековите и малцински права и ќе се гарантира повисоко ниво на третманот на малцинствата во Република Албанија.

Македонското друштво “Илинден”- Тирана ги поддржува албанските институции во продолжување на реформите потребни за членство во ЕУ и ќе даде својот придонес во исполнувањето на препораките на Европската комисија во однос на правата на малцинствата, се наведува во соопштението потпишано од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај.

Advertisement