Македонско друштво “Илинден“-Тирана со кампања „Горе главата – Изјасни се дека си Македонец“

 

 

 

Македонско друштво “Илинден“-Тирана и огранокот за Голо Брдо, почнаа медиумска кампања за подигање на свеста кај Македоците во Албанија да се изјаснат тоа што се.

Кампањата е под мотото „Горе главата – изјасни се дека си Македонец“. Сакаме да ја подигнеме свеста кај Македоците да се изјаснат она што единствено се, Македонци. Не има насекаде низ Албанија. Главно сме концентирани во областите Мала Преспа, Гора, Голо Брдо, но со по неколку десетина илјади не има и во Тирана, Елбасан, Драч, Корча и во други градови, вели Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Тој посочува дека албанските власти признаваат постоење на македонско малцинство само на Македонците во Мала Преспа. Но и тие доколку решат да живеат надвор од Преспа го губат тоа право. И покрај барањата во континуитет по падот на тоталитарниот режим, сеуште на Македонците не им се признава статус на малцинство на целата територија на Албанија. Но,без оглед на тоа многу меѓу Македонците чувствуваат и страв и не се изјаснуваат она што се. Буквално се плашат да кажат дека се Македонци, за да не бидат санкционирани, посебно оние кои работат или добиваат некаква социјална помош, додава Ѓурѓај.

Кампањата е на три јазици, македонски, албански и англиски јазик, додава тој и нагласува дека освен во електронското издание на весникот “Илинден“ ќе биде и на други медиуми во Албанија.

Освен што ги повикуваме да се изјаснат слободно што се, нагласува Ѓурѓај, ќе работиме и на зачувувањето на нашиот идентитетот, културата, традициите, историјата и обичаите. Инаку, според македонските друштва во Албанија живеат од 120 до 150 илјади Македонци, а албанските власти признаваат само околу четири илјади само во Преспа.