Македонско друштво “Илинден”-Тирана со остра осуда за инсистирањето на бугарскиот претседател Румен Радев, кој во областа Гора бара од косовските власти да признаат Бугари на Косово во предели каде живеат Македонци

Македонско друштво “Илинден”-Тирана го изразува своето жалење затоа што официјална Софија ја продолжува својата антимакедонска пропаганда меѓу Македонците во областа Гора, Република Албанија и во Република Косово, обидувајќи се да ги претстави како “Бугари“.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана, многупати досега се заслага за вистината, според која Македонците во областа Гора се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ!

Нивната самосвест е македонска, а обидите на бугарската политика да го обезличи и побугарчи ова македонско население се остваруваат со уцени и подведувања за подобрување на нивниот социјален статус и економска положба со делење на бугарски пасоши, со ветувања за стипендии за студирање на младите Македонци. Цената на тие бугарски „услуги“ се сведуваат на потпишување изјава на Македонците дека се Бугари и дека и нивните предци биле Бугари. Македонците во облста Гора никогаш не биле, ниту своеволно би биле “Бугари“!

Срамен, недемократски и антиевропски е потегот на бугарскиот претседател Румен Радев да го уценува косовскиот политички врв да ги признае непостоечките Бугари во Република Косово. Секако, ваквиот негов потег е веќе виден во Република Албанија каде со уцени и закани по европската иднина на државата, Бугарија наметна признавање на непостоечки Бугари во Законот за малцинства од 2017 година, во Република Албанија.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана ги повикува европските институции да ги запрат уцените од страна на бугарската држава кон други држави со заканите за вето за нивната интеграција во Европската Унија.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана апелира Владата на Република Косово да превземе сериозни мерки во насока на грижа за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во Република Косово и да не дозволи признавање на непостоечко бугарското малцинство во Република Косово.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана го потсетува бугарското раководство дека македонската нација е исторски факт и дека нам не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме дека сме тоа што сме. – стои во соопштението на Македонско друштво “Илинден”-Тирана.

Advertisement