
Во албанскиот град Фиер во изминатите два дена се одржа саем во рамки на проектот “Зачувување и промоција на културата и потеклото на националните малцинства преку уметност и занаетчиство”.
Покрај другите друштва на малцинствата, со свој штанд се претстави и Македонското друштво “Сонце”, кој, според претседателот на друштвото Васил Стерјовски бил меѓу најпосетените.
Нашето друштво се претстави со свој штанд со цртежи на македонски носии и прстени (минијатурна уметност) со светски личности, изработени во гипс, од уметникот Генци Кадриу, Македонец по потекло од областа Голо Брдо а живее во градот Фиер. Имавме и промотивен материјал за Преспа и македонската култура во Албанија и секако ракотворби од вредните раце на Македонките. Искрено презадоволни сме од големиот интерес што беше покажан за нашиот штанд, рече Стерјовски.
Оваа значајна активност за малцинствата ја организира здружението “Гласот на Ромите” со поддршка од Комитетот за национални малцинства во Албанија.
Саемот имаше за цел да ги промовира уметничките и културните вредности на националните малцинства во Албанија преку уметнички и занаетчиски дела, како и да ја пренесе пораката за соживот меѓу малцинствата и заедничките вредности на културата и традицијата, посочи Стерјовски.
Неодамна, во Тирана, со поддршка на Комитетот, кој е владин орган, во кој членуваат претставници од сите признаени малцинства, беше отпечатен и промовиран фитоалбумот “Народни носии на македонското малцинство во Република Албанија” што исто така беше презентиран на саемот.
Advertisement