Македонското меѓународно движење за човекови права остро го осудува францускиот предлог и бугарските барања

Со секојдневни масовни протести, македонскиот народ испорача громогласно НЕ на бугарските барања, кои беа поддржани од ЕУ и спонзорирани од Франција. Барањето е целосно да се откажеме од македонскиот идентитет, јазик, култура и историја. Таканаречениот „француски предлог“ сепак беше изгласан, како шанса за почнување преговори за можно членство во ЕУ*.

Бугарските барања го содржат следното: да се откажеме од постоењето на македонско малцинство во Бугарија; да се откажеме од македонскиот јазик, нација и целата култура; да ја прифатиме бугарската позиција дека секој и се што е македонско е „всушност бугарско“ и да ја ревидираме македонската историја така што ќе го негираме фактот дека Бугарија била сојузник на нацистичка Гермнија во Втората светска војан, ја окупирала Македонија и извршила грозни злосторства врз Македонците, вклучувајќи го и прогонувањето на 7,000 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка во Полска, и да кажеме дека Бугарија била „ослободител“, а не окупатор на Македонија.

Наместо да ја прекори и осуди Бугарија за ова очигледно кршење на европските повелби, Европската Унија се однесува исто како што се однесуваше кога Грција бараше Македонија да си го смени името – и целосно ја подржува Бугарија и бара потполно прифаќање на бугарскиот ултиматум како услов за членството на Македонија во ЕУ.

Претседателката на Европската Комисија Урсула вон дер Лејен го посети македонското Собрание и им се обрати на пратениците на 14 јули. Меѓу другите контроверзни ставови, таа имаше смелост да го пофали режимот за односот кон човековите права и покрај бруталните и масовни прекршувања; го пофали „Договорот од Преспа“ кој Македонците го отфрлија на референдумот на 30 септември 2018 година, а кој сепак беше усвоен од режимот за со сила да се смени името Македонија и да се наметне крајно навредливото „Северна Македонија“ – име кое е скроено за да се негира етничкиот идентитет на Македонците. Вон дер Лејен исто така ги повика Македонците да се откажат од својот идентитет и да го прифатат Францускиот Предлог „во име на своите деца“. Овој шокантен повик таа го упати преку Твитер.

Претседателот на ММДЧП Бил Николов го осуди повикот на Вон дер Лејен и нејзиното поврзување на европската иднина на децата на Македонија со откажување од идентитетот, прикривање на злосторствата на бугарските нацисти и убивањето на Македонците во Втората светска војна, со прифаќање на бугарскиот налудничав и отворено лажен историски ревизионизам со декларирана цел да се избришат Македонците како етничка група и сето ова да се предава во училиштата како „факт“.

Бидејќи Грција и Бугарија го отпочнаа анти-македонскиот ревизионизам во историјата, ММДЧП посочува дека е иронично тоа што Грција и Бугарија самите ја превземаат македонската историја, култура, јазик и идентитет во изградбата на своите идентитети.

Наместо да им помага на Грција и Бугарија во редефинирање на историјата и во нивните анти-македонски кампањи, Европската Унија би требала едноставно да ја почитува својата Повелба на основните права на Европската Унија, конкретно:

Поглавје 3 – ЕДНАКВОСТ, член 21: недискриминација

Се забранува секаква дискриминација врз било каква основа, како што е пол, раса, боја на кожа, етничко или социјално потекло, генетски обележја, јазик, религија или верување, политичко или било какво друго мислење, припадност во национално малцинство, сопственост, раѓање, хендикеп, возраст или сексуална ориентација.

и преамбулата:

Унијата придонесува кон зачувување и развој на овие заеднички вредности, почитувајќи ја истовремено разноликоста на култури и традиции на народите на Европа, како и националните идентитети на Државите членки и организацијата на нивните власти на национално, регионално и локално ниво

Македонското меѓународно движење за човекови права го подвлекува својот повик за еднаков однос кон Македонците, ги осудува режимот во Македонија, ЕУ и земјите членки на ЕУ за нивните анти-македонски политики и бара крај на молкот и соучесништвото од членовите на Европскиот Парламент.

*ММДЧП се противи на членството на Македонија во ЕУ и НАТО бидејќи овие организации отворено ги кршат своите декларирани вредности – ширењето на демократијата и човековите права

Advertisement