Македонците бараат своја редакција во албанската државна радио телевизија

Македонското друштво „Илинден“-Тирана во име на Македонците во Република Албанија достави барање до државната радио-телевизија да биде формирана редакција на македонски јазик.

Македонско друштво „Илинден“-Тирана бара од албанската радиотелевизија да има и редакција на македонски јазик, како што има на англиски, француски, италијански, германски, грчки, српски и турски јазик. Се надеваме дека барањето ќе биде прифатено и земено во предвид и оти набрзо ќе има редакција и на македонски јазик,стои во барањето до генералниот директор Тома Глчи.

Кусо се додава дека мисијата на друштвото е заштитата на етничкиот, културниот и верскиот идентитет, зачувувањето на јазикот и образованието на мајчин јазик на македонското национално малцинство Република Албанија. Вториот канал на албанската државна телевизија, на 25 септември пред две години за првпат почна со емитување емисија на јазиците на малцинствата,вклучувајќи ги и емисиите на македонски јазик. Освен информативаната емисија-вести, се емитуваат и документарни емисии, музика, репортажи, образовни емисии, серии со кои се промовираат и се афирмираат културата, обичаите, традицијата и сите останати вредности на малцинствата.

Емисијата на македонски јазик се емитува секој ден, од понеделник до петок, 20:30 – 21:00 часот. Од полчасовниот термин 5 – 7 минути се отстапуваат за вести а во останатите минути се емитуваат прилози поврзани со македонската култура, традиција, обичаи, вели Никола Ѓурѓај претседател на друштвото „Илинден“. Посочува дека во моментот емисиите ги подготвуваат Маријана Костофски и нејзиниот брат Илче Костофски, кои немаат статус на вработени во албанската радио-телевизија.

Advertisement