Македонците во Албанија го прославија Св.Јован Владимир (ВИДЕО)

 

Во селото Шиjон, во Елбасан се прослави денот на Св.Јован Владимир, каде што пред векови се верува дека започнала православната вера во овие области. Така секоја година на 4 јуни православните верници од Албанија, Македонија, и Македонци од Албанија се собираат за да ја прослават оваа прослава во манастирот со името на светецот Св.Јован Бладимир.

Светиот великомаченик Јован Владимир, зетот на царот Самоил за ќерка му Косара се здобил со силен култ во западна Македонија. На иконите и фреските во нашите цркви е насликан како главата си ја држи во рацете. Во традицијата на југозападниот регион на Македонија во минатото бил развиен култот кон Светиот великомаченик кнезот Јован Владимир. Тој бил кнез на областите Зета и Далмација, во еден период влегол во судир со царот Самуил при што бил заробен. Додека бил во затвор во него се вљубила ќерката на Самуил Теодора Косара по што тој бил оженет со неа и вратен на престолот. Но подоцна, починал царот Самуил на 6 октомври 1014 година, а царскиот престол го наследил син му Гаврил Радомир.

Св. Јован Владимир бил убиен на 22. мај 1016 година во Преспа и погребан бил во манастирот пред кој загинал. Брзо се расчуло дека молитвите пред неговиот гроб можат да исцелуваат многу болести и тој култ бил толку распространет што набргу потоа бил признат за светец и маченик и прогласен за светец од Православната црква. Постојат многу легенди и култни приказни поврзани со неговото име. Неговите мошти денес се чуваат во манастирот на Св. Јован Владимир во Елбасан, во православната Соборна црква во Тирана, на Света Гора и во црквата Св. Никола Болнички во Охрид.

Албанската православна автокефална црква Св.Јован Владимир го празнува на 4. јуни секоја година и православните верници од Албанија, Македонија и целиот регион се собираат на прослава во манастирот каде го чествуваат името на светецот.

Advertisement