Македонците во Албанија во село Горно Крчиште го прославија празникот Спасовден

Македонците во Албанија во село Горно Крчиште го прославија празникот Спасовден, се одржа 10-та традиционална средба на Македонците во село Горно Крчишта. Во близина на Дебар се наоѓа граничниот премин Блато, а од другата страна на границата е Албанија. Најголемото населено место по патот е Макеларе, а на неколку километри од него, во пазувите на планината Крчин се наоѓа селото Горно Крчиште. Тоа е родното село на бројни македонски интелектуалци, чесни работници и искрени патриоти. Во село Крчиште има пет цркви, а најмаркантни се Св. Спас и Св. Димитрија. Црквата Св. Спас е споменик на културата во  Албанија бидејќи според иконописот и градбата таа е стара 700 години.

Сепак, ни најмалку не го добива потребното внимание и одржување од страна на албанската држава. Напротив, за таа црква како и за соборниот храм Св. Димитрија се грижат само Македонците кои потекнуваат од ова село. Во чест на Св. Спас, домародните жители како и оние кои се исселени од селото, се собираат на заедничка средба секоја прва сабота после големиот православен празник Св. Спас. Така и оваа година, на 19.05.2018 година се одржа традиционалната средба на Македонци исселени од Крчишта пред многу години. Средбата традиционално беше збогатена со обред на православен поп кој ги отпеа црквите и гробиштата, а присутните ја вртеа и поделија погачата подготвена од организаторите. Во пријатна атмосфера, Македонците од Крчишта поминаа еден убав ден евоцирајќи спомени за минатите средби, како и за починатите Крчиштани во минатата година, оддавајќи им должна почит.