Марковски: Потребно е да се исправи екстремниот дисбаланс во образованието на Македонците во Албанија

Кога говориме за македонскиот јазик и култура во албански контекст потребно е да имаме во предвид неколку значајни компаративни факти кои ќе ни овозможат полесно да дојдеме до саканиот одговор, рече амбасадорот на Република Македонија,  Данчо Марковски зборувајќи во однос на перспективите на македонскиот јазик и култура на меѓународен собир на тема „Перспективите на странските јазици и култура во албанскиот контекст“ по повод Европскиот ден на јазиците, а во организација на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана.

„Прво, македонскиот јазик многу одамна е присутен и се говори во Албанија од страна на Македонците кои што живеат на овие простори, исто како што Албанците говорат албански јазик на просторот на Македонија. Од друга страна, овие две национални заедници говорат и македонски и албански, со оглед на близината на границата која само физички ги дели териториите на двете држави. Така било со години наназад“, рече Марковски.

Второ, според него, изучувањето на македонскиот јазик во образовниот систем на Албанија е воведен во основните и средните училишта веднаш по завршувањето на Втората светска војна во пограничните области на Гора, Голо Брдо и Мала Преспа.

Оцени дека слична е состојбата со албанскиот јазик во споменатиот период, но за разлика од Албанија во Македонија денес албанскиот јазик се изучува во основното, средното и високото образование.

Додаде дека во Македонија постојат два државни и еден приватен универзитет, за разлика од тука каде што имаме ограничено основно и средно образование само во една општина Пустец.

Трето, демократските процеси овозможија интензивна билатерална соработка на сите полиња и значително патување и меѓусебна комуникација на населението во едната или другата држава, рече Марковски.

Според амбасадорот, во последните години забележлив е трендот на културната соработка.

„Согледувајќи ја потребата за натамошно збогатување на овој вид соработка Македонија пред скоро три години во Тирана го отвори Културно информативниот центар, чија улога е приближување на македонската култура пред албанската јавност. Постигнато е високо ниво на етаблираност за успешен развој на македонскиот јазик и култура“, посочи тој.

Според него, потребно е да се исправи екстремниот дисбаланс во образованието.

„Но, во однос на образованието потребно е да се исправи актуелниот дебаланс, нешто на што убеден сум дека албанските образовни власти ќе поработат во блиска иднина. Во оваа смисла примерот на Факултетот за странски јазици искрено го поздравувам. Отворањето на класови во сите три степена на образование, како и давањето можност за воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во училиштата во голема мера ќе ја промени сегашната слика“, рече Марковски обраќајки се на меѓународниот собир по повод Европскиот ден на јазиците.

Advertisement