Металург прва победа во Лигата на шампионите

Иако настапи со најмладиот состав во досегашниот тек на сезоната, Металург прикажа одлична игра и го совлада Спортинг Лисабон, за прва радост на бројните навивачи. За разлика од средбата со Бешикташ, Металург денеска одигра зрело и не му даде никаква шанса на солидниот противник. Нашите млади ракометари покажаа дека се способни да ја надминат резултатската криза во која влегоа со поразите против Војводина и против Бешикташ.

Почетокот мина во израмнета борба, во која двата тима се менуваа во водството. Но, така беше се до 12. минута, кога, при резултат 7:7, Металург го превзеде водството и не го испушти до крајот на натпреварот. Иако Спортинг вложи многу напор и повремено се доближуваше до резултатот на Металург, првото полувреме го добивме со разлика од четири гола.

Оваа разлика, со мали исклучоци, ја одржувавме се до 52. минута, кога Металург влезе во мала криза. Нашите напаѓачи во серија промашија дури четири зицери, што му даде можност на португалскиот шампион да дојде на растојание од само еден гол зад нашиот резултат. Сепак, драматичната завршница му припадна на нашиот тим, кој славеше минимална, но сосема заслужена победа. Металург – Спортинг Лисабон 28:27.

Advertisement