Милото на Царовци и царовите гебелси

За денес, 6. 05. 2021 година, беше закажана средба на министерКАта за образование и наука со претставници на родителите на учениците организирани преку ФБ групата „Учебници и настава мора да има! Libra dhe mёsim patjetёr tё ketё!”. Темата за која беше предвидено да се разговара беше неиздржливо лошата состојба во образованието, предвидената квази реформа во основното образование и најавата за изготвување на електронски учебници во образованието наместо хартиените учебници. Од лично искуство со минстерКАта, не верував во можноста за средба, но оставив да бидам изненадена.

Зошто?

Ајде, по ред.

Времето кога живеевме со чувството на пониженост и омаловажување на сè што беше професионално и добробитно, кога за министри во Министерството за образование и наука беа поставувани петпаречки кадри од ДПМНЕ И ДУИ резултираше со масовен револт, самонаречен Шарена роволуција.

И јас бев дел од таа самоорганизирана и високо свесна народна маса. Од бедните и добро накрмени со народните пари, бевме нарекувани со сите погрдни имиња кои им беа текнале. Она што не им текна или сè уште не им текнува е фактот дека нашиот револт беше предизвикан од самоволието и безочното крадење на народните пари од страна на сите оние кои беа под закрила на ДПМНЕ-то од хигиеничари до министри. Шарената револуција ја предизвика „пиштење и вриштење“ од сите оние кои не беа под закрилата на ДПМНЕ-то. Патем и силеџиството на партиските силеџии, секој на своето ниво.

Нејсе. Ние бевме секој ден во 6. пред седиштето на СЈО, институција која нѝ беше единствената надеж која ја имавме. Верувавме дека ќе ги затвори криминалците кои од Македонија направија територија за крадење на народните пари и провизии по урнекот „колку ќе побараме, толку ќе дадат“.

Неколкупати во толпата гледав и лице со прцле, за кое подоцна разбрав дека било од „невладините организации“. Арно ама, лицето било „врло, веома многу“ добро инсталирано во СДСМ. После долгомесечните марширања по улиците на Македонија, кога СДСМ со помош на „Шарените хулигани“ дојде на власт, нашата надеж беше дека професионалците ќе бидат поставени на вистинските места и Македонија ќе стане достојно место за живеење на младите во државата.

Откако се конституира Владата на СДСМ добивме достоен министер за образование и наука, во лицето на проф. д-р Рената Дескоска. Најпосле, помислив, саглам човек кој си ја разбира работата. Ама, радоста кратко траеше, а разочарувањето од новиот министер беше поголемо од секое дотогаш.

Во тоа време, прво  чув дека лицето со прцлето, преку ноќ,  станало некој советник во Министерството за труд и социјална политика. Не помина многу време, преку ден, истото лиц без прцле, го чувме како министерКА во истото Министерство.

Таквите промени во министерствата беа првиот показател за изигрување на сè за што се бореа Шарените.

Но, да се вратам на „успесите“ на лицето без прцлето.

Долги години бев заинтересирана за состојбите и животот на децата во домот „11 Октомври“, па со интерес ја следев секоја нова активност на министерКАта од ресорното Министерство. Особено ми беше привлечено вниманието со сместувањето на децата од Демир Капија во мали групни домови, првенствено поради фактот што бев информирана за состојбите во институцијата во Демир Хисар преку магистерскиот труд на мој близок роднина.

Искрено се израдував на идејата. И бев лута кога на 10. 06. 2018 година жителите на селото Тимјаник, организираа протести против отворање на ваков дом во нивното село. Откако недоразбирањата беа надминати, на 20 јули 2018 година новиот мал групен дом за деца во неготинското село Тимјаник, официјално почна со работа. Според информациите „…во него се сместени четири деца од Специјалниот завод Демир Капија. Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНИЦЕФ, Сојузот на дефектолози и Специјалниот завод Демир Капија претходно ги подготвуваа децата за преместување во новиот мал групен дом, каде ќе имаат 24-часовна поддршка од лични асистенти со специјализирани индивидуализирани програми за работа и дефектолошки третмани. Близината на училиштето и локалната заедница ќе им овозможи на децата полесно и побрзо да се вклопат во општеството“.

За жал, мојата верба во добронамерноста на министерКАта со отворањето на овие мали групни домови беше уништена со информацијата од јуни 2019 год. Кога SCOOP го констатира „збогатувањето Мила Царовска за шест пати“. Нормално, Царовска барала извинување од СКУП, а наместо неа „…Од Министерството објаснуваат дека станува збор за надополнување на анкетниот лист со имот на родител, со кој Царовска не живее заедно. ‘Освен земјиштето во Јастребник кое што е ново стекнато, сите други ставки во анкетниот лист се надополнување. Надополнувањето е направено за поголема транспарентност, иако по Закон не треба да се пријави бидејќи станува збор за имот на родител со кој министерката не живее во исто домаќинство“.

Се прашувате зошто Министерството одговорило на нешто што се однесувало на министерКАта, ама испадна дека тоа ѝ е наследство од родителот, па и тоа е засегнато со информацијата.

Но, офанзивата на министерКАта не застана тука. Следеше акција за разместување на децата од Домот „11 Октомври“ во мали групни домови, па разместување на децата од Домот „Ранка Милановиќ“.

Е овде ќе ве потсетам дека во ноември 2019 година во Визбегово беше отворен еден таков мал групен дом со 3 деца од „Ранка“. Со оглед на фактот што јас имам имот во близина, но и поради тоа што точно знаев кои деца од Домот „11 Октомври“ одеа во „Ранка“ на кои им треба многу поактивна средина, со моите соседи сакавме да апелираме за сместување на децата во мал групен дом во центарот на Скопје. За таа цел и бевме на средба со министерКАта, за што никогаш нема да си простам. Иронијата и ароганцијата со кои бевме „почестени“ од неа, дотогаш ги не бев видела, а сум била на состаноци со стотици министри во и вон Македонија. Откако раскажавме дека ќе направиме протест во селото, таа нè испрати со дрско „Правете што сакате“. Но, тогаш ниту знаеме, ниту претпоставувавме дека царовите гебелси веќе биле подготвени, а нивната пропаганда беше видлива по социјалните мрежи ден-два пред да почне протестот. Освен тоа, била ангажирана и машинеријата за заплашување и „потсетување“ на градоначалникот на Бутел за мештаните да не излегуваат на протестот кој беше организиран во името на децата. Ама, ним поважна им е фотелјата од иднината на децата.

Така, протестот помина, а царовите гебелси од нас направија монструми, извртувајќи го секој наш збор. Пточитавме дека „Скопје го доби својот Тимјаник, жители на Визбегово протестираат против групен дом со три деца“ пренесувајќи ги зборовите на директорката на „Ранка“ и сè што им било сервирано од гебелсите во Министерствтвото. Поведени од општонародното обзнанување дека во Визбегово живеат монструми, на социјалните мрежи врз нас ги истуривте сите отрови што ги чувавте, ‘ркавте и плукавте, се фалевте дека ќе доаѓате со „пита во раце“ кај децата од малиот групен дом. Мене ми кажавте дека „Куче да чуваше, немаше таква кучка да беше“ и тн. и тн.

Она што од целата приказна за Визбегово остана нејасно за колку милиони евра се збогати родителот на министерКАта и за колку се збогатија претставниците на УНИЦЕФ во Македонија, кои беа постојан грб на министерКАта во овие нејзини „добронамерни“ потфати.

И колку да ви кажам, ако ве интересира. Во домот во Визбегово, според официјалните информации од царовите гебелси, ваботени се 20 и со зборови ДВАЕСЕТ лица за 3 и со зборови ТРИ деца. Ама, вие, силните плукачи ниту дојдовте со „пита во раце“, ниту по два дена се сеќававте на децата оти царовите гебелси веќе ви сервираа друга помија за голтање.

Ваквите „заслуги“ на министерКАта ѝ донесоа титиула „МИНИСТЕР НА ГОДИНАТА“. https://centar.mk/blog/2019/12/31/mila-tsarovska-minister-na-godinata/ Се разбира, царовите гебелси се истепаа по портали и на нивните ФБ профили да ја честитаат наградата доделена од другарчето ѝ од Центар. Вивнувањето во политичките висини, Милото на Царовци го продолжи на местото во економскиот сектор во државава, нели, ја бива за сè.

А кога ја бива за сè, ја биде и за  министерКА за образование и наука. Се прослави, како и во МТСП со екскурзија наречена експресно затворање на училиштата поради пандемијата со КОРОНА вирусот, ама. Секогаш има едно, ама. На училиште тргнаа децата од прево до трето одделение, оти нејзиното дете не смее да седи дома пред екран, како нашите деца. Царовите гебелси и оние дежурни мифки по социјалните мерки нѝ раскажуваа дека тоа било со намера да се заштитат децата, но и нивните домашни. Небаре оние деца од прво до трето одделение не требаше да се заштитат и немаат дома.

Следеше најавата за реформи во основното образование, за спојување на предметите по желба на министерКАта на годината 2019-та, а реакциите од професионалците за несоодветноста и катастрофалните последици од така замислените промени во почетното образование, ги исмеа со истата ароганција како што нè исмеа и нас на средбата во ноември 2019 година. Секако, царовите гебелси и дежурнте измеќари жолчно се нафрлија на оние кои со децении работат во образованието и науката, оти требаша да се заштити безумието платено со 20-тина и со зборови дваесетина милиони евра поделени меѓу оние кои се задолжени за уништување на иднината на децата.

Најновиот бисер на министерКАта се електронските учебници. Секако и за оваа тема се јавија бранители во одбрана на неодбранливото. Прочитавме сенешто, а тоа сенешто ревносно го споделуваа и дежурните мифки на нивните приватни и тајни профили по социјалните мрежи.

На 30. 04. 2021 година излезе и текст во овој стил во кој се наведува: „Имам пријател што се сеќава на реформа на образованието во 1953 година. Властите тогаш наредиле наместо учениците да пишуваат на табличка со креда што си ги носеле секој ден на училиште, да се префрлат на тетратки. Наместо да прават пиши-бриши со сунѓерчето врзано со јаженце на табличката, требало да им се купат тетратки за секој предмет, па моливи, гумички, мастило, перодршки и впивач на мастилото. Пријателот се сеќава дека тогаш родителите меѓусебно си се жалеле – леле колку тетратки треба да купиме, па со линии, па краснопис ќе учеле, па и чанти им требаат, сироти деца колку ќе бидат оптоварени…“. (https://sdk.mk/index.php/sakam_da_kazam/bela-za-merak/).

Со оглед на тоа што се работеше за новинарски текст, помислив дека ваква историска невистина треба да „помогне“ за поголема читаност на порталот. но откако видов дека овој сензационаен факт се споделува како историска вистина, како историчар, се почувствував повикана да го проверам податокот и содржината на спомнатата реформа на образованието во 1953 година.

За потребите на овој текст, за разлика од безимениот извор на новинарот, јас разговарав и со Блага Радеска (родена на 17. 03. 1939 год.) и Милева Гешоска (родена на 31.03. 1940 год.), кои првото одделение го започнале во учебната 1946/47 година. Според нивните кажувања, во првите две години од школувањето употребувале бакелитни таблички на кои се пишувало со кондил (вид на молив).  Според двете соговорнички, тетратки добиле во почетокот на 1950 година.

За користењето на табличките во образованието има податок дека веднаш после ослободувањето „…Во услови на немање никакви нагледни средства, учителите сами изработувале нагледни средства. Ние, учениците во тоа време, немавме ниту моливи, ниту тетратки. Имавме по една бакелитна табличка со дрвена рамка и по едно крижулче со кое пишувавме. Табличката од едната страна имаше тесни и широки линии за да можеме да пишуваме букви и зборови, а на другата страна имаше нацртани квадратчиња за да можеме во секое квадратче да пишуваме по една цифра и така ја учевме математиката.. Кога пишувавме на таблицата, ако нешто погрешевме, го бришевме со крпче наквасено, или во најчест случај со плунка. Нешто покасно добивме и сунѓерче за бришење на табличката и училишната табла. Подоцна, добивме по некоја тетратка и молив. Моливот, задолжително беше врзан со конец и го носевме обесен на вратот за да не го загубиме. (М-р ЃОРЃИ ЛУМБУРОВСКИ и ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ, НЕКОИ КАРАКТЕРИСТИКИ ВО СЕДУМДЕСЕТГОДИШНИОТ РАЗВОЈ НА ОБРАЗОВАНИЕТО ВО БИТОЛА И БИТОЛСКО, ПРИЛОЗИ, МАКЕДОНСКО НАУЧНО ДРУШТВО – БИТОЛА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 19-20 БИТОЛА – 2015, 43-55).

Со оглед што во оваа информација не е спомната годината за внесувањето на тетратките во употреба, информации побарав во трудови на колеги, чија тесна специјалност е образованието.

Еве, многу накусо, со историјатот на македонското образование од периодот после Втората светска војна. Во трудот на Киро КАМБЕРСКИ, ОСНОВНОТО ВОСПИТАНИЕ И ОБРАЗОВАНИЕВО МАКЕДОНИЈА ДО ОСЛОБОДУВАЊЕТО (1945 – 1975) – глобални развојни карактеристики, : Годишен зборник = Annuaire. ISSN 0350-1892. – Кн. 21(47) (1994), стр. 55-69, ќе прочитате дека:

„Прв ваков документ, (за образованието по војната-К.Т.) изработен од страна на Поверенството за просвета при Президиумот на АСНОМ бил донесен на 30 септември 1944 година, а е озаглавен како Привремен за обука во основните училишта. Тоа бил прв званичен наставен план за работата на основните училишта во нашата Република, во кој, покрај наставните предмета по одделенија, се набележани и основните задачи на основното училиште и повеќе дидактичко-методички упатства за организирање и изведување на наставата.

Во 1945 година, по конечното ослободувањ е на земјата, Министерството за просвета пропишало нов Привремен наставен план за основните училишта, како и посебен наставен план за малцинските училишта. Помали или поголеми измени на наставните планови и програми биле вршени и во наредните учебни години. Карактеристично е да се одбележи дека почнувајќи од 1946 година бил пропишуван и скратен наставен план и програма за оние училишта што работеле со комбинирани одделенија. Значајно е да се одбележи и тоа дека до 1948 година републиките сами ги утврдувале наставните планови и програми, а по тоа биле донесувани сојузни рамковни планови, врз чија основа биле утврдувани републичките наставни планови и програми. Еден таков сојузен рамковен план бил донесен во почетокотна 1948 година, а се однесувал на седумгодишните училишта, односно на седмолетките.

Во текот на учебните 1950/51 и 1951/52 година, со отпочнувањето на работата на првите осумгодишпи основни училишта, биле правени напори за изготвување единствен наставен план и програма за континуирано осумгодишно основно воспитание и образование. Како резултат на тоа, Советот за просвета, наука и култура на НРМ на 5 јуни 1952 година пропитал единствен наставен план и програма за основните (четиригодишни) училишта и осмолетките.Овој наставен план содржел вкупно 14 наставни предмета (македонски јазик, српскохрватски јазик, туѓ јазик, историја, географија, природознание, сметање-математика, физика, хемија, цртање со историја на уметноста), краснопис, домаќинство, музика (вокална и инструментална) и фискултура), со вкупен неделен фонд од 195 часови.

Обиди за нови измени во програмската структура на основното воспитание и образование биле направени во предреформскиот период (1954-1958), а основните причини биле согледани во преоптовареноста на наставните програми “со некои непотребни и тешки материјали, што немаат вредност за нашата социјалистичка практика и што не одговараат на психофизичките можности на просечен ученик”. Така, Советот за школство на НРМ на 10 јули 1957 година донел нови наставни планови и програми за основното осумгодишно училиште…“.

Дури и во овој текст, податок за било каква реформа во образованието во 1953 година не е спомната. Но, тоа во ситуација кога треба да се оправда нешто, може и да се смисли податок даден од еден пријател. И да се вратам на почетокот од текстот. Не верував во средба на министерКАта со родителите, а мојата неверба се оствари. Но, се оствари и мојот најголем страв за добивање на време за царовите гебелси да засучат ракавиза да ги притиснат и да се откажат од својата потреба, сите заинтересирани за нормален живот и нормална иднина во Македонија.

Секако, не е штета да се спомне и ароганцијата на минстерКАта во врска со доделувањетпо на значајната награда за наука во македонската држава „Гоце Делчев“, но тоа е тема за многу подолга елаборациј. За крај, мојата професија бара консултирање на многу литература, а во неа ќе прочитате и умни и показателни нешта. Кога размислувам за една индивидуа, која со наша согласност и наши пари, работи на уништување на нашите деца и нашата држава, најсоодветна ми се чини мислата на Черчил изречена за Хитлер: „Се појави длабока јама, а во неа чекори манијак со свирепа ‘генијалност‘, олицетворение на најдлабоката и најжолчна омраза која некогаш цицала мајчино млеко“./Проф. д-р Катерина Тодороска

Advertisement