Министерката за труд и социјална политика на Македонија Јагода Шахпаска оствари средба со министерката за здравство и социјални прашања на Албанија Огерта Манастирлиу

Министерката за труд и социјална политика на Република Македонија Јагода Шахпаска, попладнево во Тирана, имаше средба со министерката за здравство и социјални прашања на Албанија, Огерта Манастирлиу, присутен на средбата беше и Македонскиот Амбасадорот во Тирана, Данчо Марковски. Двете соговорнички разменија искуства за социјалните политики што двете држави ги водат за поддршка на ранливите категории на граѓани.

Посебно внимание беше посветено на потребата за децентрализација на социјалните услуги, за што е неопходна интензивна соработка со локалните самоуправи. Во тој контекст, министерката Шахпаска информираше дека преку Проектот за подобрување на социјалните услуги Министерството за труд и социјална политика веќе поддржа 19 проекти за 24 општини, со цел да се обезбеди децентрализација на социјалните услуги.

„Услугата помош и нега во домот за стари лица и за лица со попреченост веќе функционира. Граѓаните се задоволни, затоа што добиваат поддршка во секојдневните активности во нивниот дом. Со овој проект низ целата држава ќе бидат опфатени 900 корисници, а услугата ќе ја даваат 300 обучени даватели на услуги“, нагласи Шахпаска, додавајќи дека истовремено се работи и на отворање на дневни центри за лица со попреченост. Таа информираше дека социјалната реформа во Република Македонија, која има за цел да ја намали сиромаштијата и да ја зајакне инклузијата на ранливите граѓани и на лицата со попреченост, даде резултати, а тоа особено се покажа во периодот на пандемијата со Ковид 19.

Албанската министерка Министерлиу оцени дека двете држави се соочуваат со слични предизвици кога се во прашање потребите на ранливите категории граѓани, како и лицата со попреченост. Министерлиу информираше дека важен фокус во нивната работа е излезната стратегија за невработените лица кои примаат социјална помош. За тоа, додаде таа, неопходна е тесна соработка со Агенцијата за вработување.

Двете министерки се согласија дека за социјалната реформа да биде успешна мора да има ефикасна активација на пазарот на трудот.

„Секое семејство е специфично и затоа е важна соработката меѓу Центрите за социјални работи и Агенцијата за вработување. Согласно нашата реформи, овие две институции за секое семејство кое прима гарантирана минимална помош подготвува индивидуален план кој овозможува полесна активација на пазарот на трудот“, информираше министерката Шахпаска.

На крајот од состанокот министерката Шахпаска ја информираше својата колешка дека Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНДП и Националниот сојуз на слепи разви апликација за слепите лица Аудио читач, која  им овозможува  поголема независност во нивните  активности  од секојдневниот живот.

Апликацијата на македонски јазик, додаде таа, е готова и веќе слепите лица и лицата со оштетен вид ја користат, а во завршна фаза е и апликацијата на албански јазик. Таа ќе биде слободна за примена и ќе можат да ја користат и слепите лица и лицата со оштетен вид во Албанија и Косово.

За таа цел министерката Шахпаска упати покана до нејзината колешка Манастирлиу да присуствува на промоција на апликацијата на албански јазик, која ќе се одржи кон средината на наредниот месец, а на која ќе бидат поканети и претставници од Косово.

 

Advertisement