Министерот Спасовски во Амбасадата во Тирана се сретна со претставници на македонски друштва во Албанија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го искористи работниот престој во Тирана, каде учествуваше на двете пленарни сесии предвидени за првиот ден посветен на областа Внатрешни работи од годишниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан, и во просториите на Амбасадата на Македонија оствари средба со претставници на друштвата на македонско национално малциство во Република Албанија.

На средба беа претставници од македонските друштва “Сонце”, “Илинден” , “Мир”, како и претседателот на македонската Алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, ги претставија нивните идеи и размислувања околу предизвиците со кои се соочуваат во Република  Албанија.

Министерот Спасовски, согласно веќе воспоставената практика за време на работните престои во странство да остварува средби со нашите исселеници, подвлече дека целта на ваквите средби е да се иницираат и забрзаат веќе отпочнатите активности за подобрување на условите на нашите граѓани во државите во кои живеат.

Македонците од  Голо Брдо изрази интерес за изнаоѓање начин за продолжување на работното време на Граничниот премин Џепиште – Требиште, кој е од локален карактер и не работи постојано, со што во голема мерка би се подобриле условите за живот на локалното население, изразувајќи благодарност за веќе решениот проблем со електрична енергија на истиот граничен премин.

Министерот Спасовски најави дека заедничката седница на Владите на Република Македонија и Република Албанија, која ќе се одржи кон средината на овој месец во Скопје претставува можност за иницирање на решенија за предизвиците на македонската заедница во Албанија, а притоа ги образложи и придобивките кои ќе ги овозможи Отворен Балкан со понатамошна реализација на предвидените активности.

Advertisement