Mинистерот за надворешни работи на Република Македонија на работен појадок со резидентните амбасадори на земјите членки на ЕУ

Mинистерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров учествуваше на работен појадок со резидентни амбасадори на земји членки на ЕУ, организиран од страна на амбасадорката на Република Австрија во Република Македонија, Н.Е. Ренате Коблер, во својство на земја претседавач со Совет на ЕУ. На состанокот, министерот Димитров првично се заблагодари за австриската поддршка и заложба за европските перспективи на земјите од Регионот за време на нивното претседавање.

Воедно даде преглед на клучните реформски активности, Планот 18 и позначајните ангажмани на домашен план поврзани со обврските кои произлегуваат од јунските заклучоци на Советот на ЕУ. Притоа, МНР Димитров ја нагласи посветеноста и решеноста, и покрај деликатноста на процесите да се продолжи по зацртаниот пат на европска интеграција. Меѓу другото на состанокот беа разменети мислења и за последните случувања во Регионот и беше изразена надеж дека следниот јуни ќе биде донесена формалната одлука за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.

Advertisement