Министерството за надворешни работи (МНР) ги повикува сите државјани на Македонија да се воздржат од непотребни патувања во Либан поради сложената безбедносна состојба во регионот.
Информираме дека сѐ уште се активни комерцијалните летови кон и од Либан, и соодветно, препорачуваме на сите граѓани кои во моментот се наоѓаат на територијата на земјата, доколку немаат суштинска причина за нивниот престој, да ја искористат оваа можност и да ја напуштат земјата.
Потсетуваме дека Македонија нема дипломатско Конзуларно претставништво во Република Либан и соодветно, значително намалено присуство во земјата, што ги отежнува можностите за асистенција при евентуална евакуација, доколку дојде до дополнително влошување на безбедносната состојба.
Ги повикуваме нашите државјани кои се наоѓаат на територијата на Република Либан веднаш да го пријават своето присуство, локација и намери на дежурниот телефон на Амбасадата на Македонија во Каиро +201033615542 и на дежурниот број на Амбасадата на Македонија во Тел Авив +972 54 926 7378, наведува МНР.
Министерството додава дека на располагање се и СОС телефоните на МНР: +389 75 273 732 и +389 75 268 736, како и електронската адреса: globalsos@mfa.gov.mk.
МНР и натаму ќе ги следи состојбите во Либан и во регионалното опкружување и ќе продолжи, нагласува, навремено да информира за евентуални насоки за постапување за нашите државјани.