Москва против дипломатското обединување на Тирана и Приштина

Руската Федерација спогодбата за дипломатско и конзуларно здружување на Косово и Албанија, која е потпишана на втори јули годинава, ја смета за провокација, која е насочена за спроведување на „концептот на голема Албанија“. Како што се наведува во соопштениот на руското министерство за надворешни работи, овие чекори на Приштина и Тирана предизвикуваат „сериозна загриженост и не се случајни“, пренесува Радио Слободна Европа.

Оваа линија на албанското и косовското раководство е во спротивност со основата на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и го поткопува дијалогот меѓу Белград и Приштина, во кој посредува и Европската Унија и ја разбива безбедноста на Балканот – стои во соопштението на руското МНР.

Обединувањето на дипломатските претставништва меѓу Косово и Албанија не е ништо повеќе или помалку од тоа што го имаат скандинавските земји и државите од Бенелукс – изјави Беџет Пацоли, шефот на косовската дипломатија.

При потпишување на спогодбата во Тирана беше речено дека таа ќе помогне за воспоставување основи за заеднички фонд за формирање, управување и развој на амбасади, странски мисии и конзулати, што ќе им овозможи заедничка корист на двете држави. Спогодбата опфаќа и размена на дипломатските лица на Косово и на Албанија во меѓународните претставништва во светот.

Advertisement