Во Албанија почна воената вежба „Силен Балкан 23“ со учество на специјалните единици на армиите на земјите од Балканот, што првпат се одржува во Албанија, објави министерот за одбрана Нико Пелеши.
Најелитните единици на вооружените сили од регионот на Балканот, специјалните армиски сили, се собраа во Албанија за дополнително да ја зголемат регионалната соработка, но и преку зголемување на професионалното ниво, тактичка, оперативна и стратешка обука, за да се соочат со сложените предизвици од безбедносното опкружување, напиша Пелеши на Фејсбук.
Според него оперативците на специјалните сили од осум балкански земји заедно ќе реализираат вежбовни активности до 12 ноември. Преку објава на Фејсбук реагираше и премиерот Еди Рама наведувајќи дека „специјалните армиски сили од целиот Балкан спроведуваат воена вежба со цел зголемување на регионалната соработка“.