Началникот на Генералштабот на Армијата на Македонија на тринаесеттата конференција на началниците на Генералштабови на балканските земји

Началникот на Генералштабот (ГШ) на Армијата на Македонија генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес учествува на тринаесеттата конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји која се одржува во Букурешт, Романија.

На конференцијата, покрај началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, генерал Николае Ионел Чука, како домаќин, учествуваат и началниците на Генералштабовите на армиите од осум земји од Балканот и тоа: Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Босна и Херцеговина, Србија, Турција и Црна Гора и како набљудувачи Хрватска и Словенија. Специјални гости на конференцијата се претседателот на Воениот комитет на НАТО, маршал Стјуарт Пич и воениот советник за мировни операции во Обединетите нации, генерал-потполковник Карлос Хумберто Лоити, како и високи претставници од Воениот комитет на Европската унија и Командата на здружените сили на НАТО во Неапол.

Генералот Ѓурчиновски за време на своето излагање ја истакна важноста и придобивките од вежбите и обуката како практични форми за промовирање на доверба, соработка, интероперабилност и меѓусебно разбирање, како и поддршката за понатамошен развој и остварување на проекти коишто ќе ја зајакнат понатамошната регионална соработка. Воедно се заблагодари на претседателите на групите за: координација; асиметрични закани и едукација; обука и вежби за нивната работа во текот на изминатата година. Токму во духот на оваа соработка е организацијата и реализацијата на Основниот курс за односи со јавноста во период од 30 септември до 2 октомври во Регионалниот центар за односи со јавноста во Скопје.

Согласно програмата на тринаесеттата конференција, началниците на Генералштабовите на балканските земји потпишаа заедничка изјава со која ја потврдуваат цврстата заложба за проширување и зајакнување на воената соработка. Во рамки на конференцијата, генералот Ѓурчиновски оствари средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, генерал Николае Ионел Чука на која се разговараше за можностите за продлабочување на билатералната соработка во доменот на обука и вежби.

Целта на оваа конференција е да се дискутира и да ги зајакне начините на воената соработка на балканските држави, како и начините на спротивставување на сите безбедносни предизвици, ризици и закани во регионот. Повеќето активности на конференцијата се состојат од обука и едукација, т.е. активности каде заеднички се достигнува потребното ниво на интероперабилност, што овозможува заеднички активности во различни ситуации. Ова првенствено е поврзано со реализација на воени вежби, како и со проценка на асиметрични закани на Балканот.