Началникот на Генералштабот на Армијата оствари средба со одбранбеното аташе на Албанија

Началникот на Генералштабот на Армијата на Македонија генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари протоколарна средба со новоназначеното нерезидентно одбранбено аташе на Република Албанија акредитирано за Република Македонија, полковник Бекир Тафили.

Во рамки на денешната средба, генералот Лафчиски упати честитки до полковник Бекир Тафили и му посака успех во извршување на оваа должност за време на неговиот работен ангажман и продолжување на воспоставената билатерална меѓуармиска соработка.

На средбата во Генералштабот се разговараше и за заедничкото членство во иницијативите за регионална соработка, како и за проширување на можностите за соработка во областите од заемен интерес.