Началникот на Генералштабот на Војската на  Словенија во посета на Армијата на Македонија

Висока воена делегација на Војската на Република Словенија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Аленка Ерменц, која се наоѓа во официјална посета на Армијата на Република Македонија.

По пречекот на делегацијата на Војската на Република Словенија, со високи воени почести, генерал-мајор Аленка Ерменц оствари средба со својот домаќин началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

За време на официјалната средба, генералот Ѓурчиновски се заблагодари за досегашната поддршка и континуирана одлична соработка помеѓу двете армии како блиски партнери и изрази уверување дека партнерството ќе продолжи и во иднина во формат како полноправни членки на НАТО Алијансата. Исто така посочи дека преку размена на нашите воени капацитети, заедничкото учество во проектите како Балкански медицински наменски сили, билатералната вежба „Предизвик“, центарот за симулации претставуваат примери за градење на нашите заеднички способности и поддршка на нашата исклучителна соработка.

Процесот на трансформација и модернизација на армијата согласно новиот стратегиски оперативен преглед, земајќи ги во предвид сите научени лекции за време на членството во НАТО на Република Словенија, учество на Армијата во операции за поддршка на мирот, како и на повеќе мултинационални и билатерални вежби, посебен осврт на ангажирањето на армијата во поддршка на МВР при справување со мигрантската криза, исто така беа теми со кои беше информирана воената делегација од Република Словенија во текот на посетата.

На средбата со министерката Шекеринска изрази благодарност за поддршката на Република Словенија при нашето зачленување во НАТО. Министерката и честиташе на генерал-мајор Ерменц на функцијата началник на Вооружените сили на Република Словенија. Шекеринска рече дека брзата ратификација на Пристапниот протокол од страна на Република Словенија е порака дека таа поддршка ќе продолжи и дека двете земји го зацврстуваат партнерството и одбранбената соработка.

Во продолжение на посетата, словенечката воена делегација придружувана од заменикот на началникот на ГШ, го посети баталјонот на воена полиција во касарната „Илинден“ каде се одржа брифинг за единицата, методско показни вежби и презентација и на дел од средствата со кои единицата располага.