Најмалку шест луѓе загинале на протестите во Иран

Тензиите во Иран остануваат на високо ниво и по три дена откако се зголемија цените на горивата, што предизвика протести во десетици градови. Нема јасни податоци за денешните случувања на улиците, оти во најголем дел од државата интернетот е прекинат од страна на државата.

Официјалните лица изјавија дека шест луѓе загинале во судирите, меѓу нив тројца демонстранти, двајца членови на иранските безбедносни сили и еден чувар, но според другите извештаите, бројот на загинати би можел да биде многу поголем.

Во земјата се затворени најмалку пет универзитети, а во повеќе од 17 градови исто така се затворени училиштата. За време на протестите се запалени многу продавници, банки, а околу 1.000 луѓе беа уапсени, објави полуофицијалната новинска агенција Фарс.

Иранската влада во петокот објави поскапување на горивата од најмалку 50 отсто. Горивото досега чинеше 10 илјади ријали, односно помалку од 8 евроценти.

Advertisement