Напад со нож во воз во Германија неколку повредени

Маж нападнал и повредил четири лица со чекан во воз во јужна Германија денеска, пред да биде уапсен од полицијата, соопштија властите. Полицијата во Штраубинг извести дека нападот се случил во брз воз што сообраќал од Хамбург до Виена, додека минувал помеѓу Штраубинг и Платлинг во Баварија.

Во возот во моментот на нападот имало околу 500 луѓе, соопшти полицијата. На местото на настанот беа испратени околу 150 полицајци, пожарникари и амбулантни возила, соопшти полицијата. Делот од железничката пруга беше затворен, објави Асошиејтед Прес.

Полицијата првично соопшти дека напаѓачот користел секира, но подоцна соопшти дека наводно користел чекан и евентуално друго оружје, кое не е дополнително прецизирано. Тој беше идентификуван како 20-годишен сириски државјанин.

Полицијата не даде дополнителни детали за идентитетот на напаѓачот или можниот мотив, но подоцна соопшти дека бил совладан од други патници и дека самиот бил повреден во нападот.

Напаѓачот е „веројатно сериозно повреден“, изјави портпаролот на полицијата за германската новинска агенција ДПА. Тој е во полициски притвор и прима медицинска помош. Четири повредени патници, чии идентитети не се објавени, се однесени во блиските болници.

Според Баварскиот Црвен крст, службите за итни случаи биле повикани околу 14 часот по локално време откако патниците ја повлекле сопирачката за итни случаи. Возот застанал во близина на Штраскирхен, објави ДПА.

Црвениот крст соопшти дека во близина е поставен посебен приемен центар за грижа за патниците. Покрај бројните служби за итни случаи и два хеликоптери, повикани се и психолози за да им дадат поддршка на неповредените, но потенцијално трауматизирани патници.

Германскиот железнички оператор Дојче Бан објави соопштение: „Нашите мисли и сочувство се со повредените и со сите што сега мора да се справат со она што го доживеале“, и им се заблагодари на службите за брзото апсење на осомничениот.