
Ракометарите на Драчево Јуниор и Младост Богданци во сабота од 19 часот во салата „Млаз“ ќе го одиграат дербито на деветтото коло од македонската Прва лига. Младост на домашен терен ги пречекува гостите од Скопје кои ќе се обидат да победат и да го преземат првото место на прволигашката табела.
Предводникот на Драчево Јуниор, Велимир Настески за Спорт.ком вели дека ја препушта фаворитската улога на домаќините.
Настески посочи дека најголемата опасност на Младост Богданци доаѓа од бековите, кои доколку се неутрализираат, може да се надеваат на победа.
„Добро знаеме со кој ривал ги одмеруваме силите. Младост е физички силна екипа со изразена брза транзиција. Нивната најголема опасност доаѓа од бековската линија, и доколку ги неутрализираме нивните бекови, ќе можеме да се надеваме на победа во Богданци и преземање на првото место на табелата. Имам целосна доверба во моите играчи. Убеден сум дека ќе покажеме карактер, дисциплина и борбеност, и дека во Богданци ќе се претставиме во вистинско светло“, изјави Настески.
Свое видување за натпреварот даде и капитенот на скопската екипа, десниот бек Ѓорѓи Дука, со потекло од Ербеле, областа Поле, Албанија кој смета дека играта во одбрана ќе биде клучниот фактор на чие конто ќе отидат трите бода.
„Младост е тежок противник, еден од тимовите што претендира за влез во Суперлигата. Во сабота во Богданци ќе се одигра првологашкото дерби на едни од најдобрите екипи во Првата лига. Не очекуваме ништо друго освен одлична атмосфера, преполна сала, многу жар и борба на терен. Богданци оваа сезона има нов тренер и сериозни засилувања на сите позиции, меѓу нив и двајца странци кои се додадена вредност на екипата. Тренерот Андоновски добро ја има составено екипата и тимот е во нагорна линија. Според мене, одбраните на екипите ќе го дадат одговорот кој тим ќе ги освои трите бода. Ги поканувам сите љубители на ракометот да дојдат и да гледаат добар ракомет“, изјави капитенот на Драчево Јуниор, Ѓорѓи Дука.
Во моментов Младост Богданци е прв на табелата со 16 бода додека пак Драчево Јуниор е зад нив со 14 бода на своето конто. Пласман во Суперлигата директно ќе обезбеди само првопласираниот, додека пак тимот кој ќе заврши на второто место, пласманот во најквалитетното ракометно друштво ќе го бара преку бараж натпревар со претпоследнопласираниот од Суперлигата.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden