Научна конференција „По патеките на Дичо Зограф“ во чест на 1000-годишнината на Бигорски

Деновиве, со благослов на нашиот надлежен Митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски и со благослов и иницијатива на нашиот Старец и Игумен, Епископот г. Партениј, а во содејство и организација со проф. д-р Сашо Цветковски, Свештена Бигорска Обител ќе биде домаќин на Првата долнореканска научна конференција, насловена: По патеките на Дичо Зограф.

Конференцијата се одржува во чест на големиот јубилеј – 1000 години од основањето на Бигорски, а на неа учество ќе земат десетина звучни имиња од македонската научна јавност. Свеченото отворање на овој научен собир се одржа вчера, во дворот на црквата Свети Петар и Павле, во родното село на Дичо Зограф – Тресонче. Пригоден говор одржа проф. д-р Сашо Цветковски, научен соработник од МАНУ и коорганизатор на конференцијата, потоа академик Живко Попов, а од името на Владиката Партениј, учесниците и гостите ги поздрави јеромонах од нашето братство. На отворањето присуствуваа научните работници, студенти, тресончани од здружението Брзовец и директорот на НП Маврово, г. Самир Ајдини. По отворањето, во храмот беше отслужена трисагија за покој на душата на великанот Димитар – Дичо Крстев.

Попладнето истиот ден, во великиот синодикон во Бигорскиот Манастир започна и сесијата предавања, а неа ја отвори јеромонахот Кирил, со реферат посветен на првиот Архиепископ Охридски и ктитор на Свештената Бигорска Обител, Светиот отец наш Јован Дебранин. Следниве денови свој реферат ќе одржат:  проф. д-р Сашо Цветковски, проф. д-р Елизабета Касапова, проф. д-р Васил Ѓорѓиев, проф. д-р Александар Василески и други.