Во знак на револт од „репресијата“ од бугарските фудбалски власти, навивачите на Пирин од Благоевград побараа нивниот клуб да игра во македонска лига!

„Орлите“ испаднаа од елитната конкуренција во Бугарија по спорниот гол што ги чинеше пораз од 2:1 на домашен терен против Витоша од Бистрица во понеделникот. Помошникот на судијата сигнализираше дека Григор Долапчиев од Витоша е во офсајд, но главниот арбитар покажа играта да продолжи и напаѓачот Долапчиев го постигна победничкиот гол за својата екипа.

„Почитувани раководители на македонскиот фудбал, ние навивачите на Пирин Благоевград ве повикуваме да го прифатите Пирин во македонскиот фудбалски шампионат од следната сезона“, се вели во писменото барање од фановите на Пирин до Фудбалска федерација на Македонија, додавајќи дека тие ќе прифатат место во кој и да е ранг од лигата. Пирин и навивачите на клубот се жалеа на нефер третман од Бугарски фудбалски сојуз (БФС) и од судиите во неколку наврати во текот на сезоната.

„Во последните 20 години Пирин е намерно изложен на репресија од страна на БФС“, стои во писмото на навивачите. Во златното време на клубот од градот оддалечен 20 километри од границата со Македонија четири пати има играно во финалето на Купот на Бугарија и се натпреваруваше во европските купови на УЕФА.

Во 2011 година Пирин беше исфрлен од Прва лига на Бугарија поради неплатени долгови, а шест години претходно поради неплатени даноци. Пирин има традиција на развој на млади фудбалери, како што се поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Димитар Бербатов, кој помина седум години во клубот, потоа членови на репрезентацијата на Бугарија што стигна до полуфиналето на Светското првенство 1994 во САД, како и неколку играши на сегашниот национален тим.