
На граничните премини Џепиште-Требиште и Блато кај Дебар, во изминатиот период од годинава забележана е за неколкупати поголема фреквенција, споредено со истиот период минатата година. Намалената фреквенција лани беше поради пандемијата со Ковид-19 кога и двата премина по тримесечниот привремен прекин повторно беа отворени на 30 јуни.
Во периодот од први јануари до вчера на граничниот премин „Блато“ за влез евидентирани се 21.911 македонски државјани, додека за излез 25.472. Речиси четирипати поголем е бројот на странските државјани за влез во нашата земја или 100.342 додека за излез 85.929 лица, изјави за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи Охрид.
Зголемена фреквенција е забележана и на вториот граничен премин, Џепиште-Требиште, кој е од локален карактер. Во летниот период работи од 8:00 до 20:00 часот, додека во зима од 8:00 со 18:00 часот и е дозволен премин само на локалното население од Дебар и областа Голо Брдо.
Во споменатиот извештаен период на овој граничен премин регистрирани се за влез 557 додека за излез 613 македонски државјани. Бројот пак на патници за влез и излез во и од нашата земја е многу поголем. Имено, за влез се евидентирани 7.839 додека за излез 7.779 странски државјани, додава Димоски.
Поради фактот дека голем број македонски државјани летниот одмор го минуваат во познатото летувалиште Шенѓин, каде климатските услови се идентични со оние во Улциљ, за каде многу публиску е да се патува преку Блато, фреквенцијата на патници и возила ќе биде многу поголема.
Просечната фреквенција на годишно ниво на овој премин е околу 350.000 патници и повеќе од илјада товарни возила.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden