Нетанјаху е победник на израелските избори

Бенјамин Нетанјаху победи на израелските избори. Неговиот десничарски религиски блок обезбеди 64 од 120 места во парламентот по пребројувањето на сите гласови.

Ликуд, партијата на 73-годишниот поранешен премиер, ќе биде најголемата партија во израелскиот парламент Кнесет со 32 пратенички места, што е повеќе од 24 места колку што освои партијата Јеш Атид (Има иднина) на премиерот во заминување Јаир Лапид, објавија израелските медиуми.

Лапид му се јавил на Нетанјаху за да му посака среќа за доброто на израелскиот народ и државата Израел. Израел е над сите политички прашања, напиша Лапид на Твитер по телефонскиот разговор. Кажа дека на сите министерски кабинети им наложил подготовка на мирно примопредавање на власта.

За првпат во историјата на Израел крајно десничарски сојуз го зазеде третото место по бројот на освоените мандати. Религиската ционистичка партија на Безазел Смотрич и Итимар Бен Гвир освои 14 места и веројатно ќе одигра решавачка улога за Нетанјаху и неговата влада. Левичарската партија Мерец и арапската партија Малад не успеаја да го поминат изборниот праг од 3,25 отсто.

Изборите во вторникот беа петти во три и пол години, а беа распишани откако владејачката коалиција од осум партии се распадна во јуни, губејќи го мнозинството во парламентот по само 12 месеци. Излезноста изнесуваше релативно високи 71,3 отсто.

Претседателот Исак Херцог има време до 16 ноември да го одбере кандидатот кој ќе формира нова влада. Кандидатот тогаш ќе има 28 дена да формира коалиција со можност за продолжување од 14 дена.

Advertisement