Интервју со Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво “Илинден“-Тирана и уредник на истоимениот весник
Кога на почетокот на една календарска година се сумираат резултатите од постигнато во годината што изминала, секако посебен белег за вас како друштво е одбележувањето на јубилејот 10 години од излегувањето на првиот број на македонскиот весник “Илинден“. Што тоа значи за вас и посебно за Македонците во Албанија?
Во годината што е зад нас, како претседател на Македонското друштво “Илинден“-Тирана и како главен и одговорен уредник на македонскиот весник “Илинден“ можам да кажам дека беше година со многу работа за македонското национално малцинство во Република Албанија. Како што знаеме и поради пандемијата имаше и активности што беа предвидени, но одложени. Еден од најзначените настани беше одбележувањето на десетгодишниот јубилеј на македонскиот весник “Илинден“, што го оценуваме како значаен јубилеј за македонското население во Република Албанија. Имено, пред точно десет години, на први март 2011 година како двоброј (март/април) беше испечатен првиот број од македонскиот весник “Илинден“ како гласило на друштвото. Поради пандемијата, одбележувањето на настанот не можеше да се одржи во март, но затоа пак го одржавме на деветти октомври. Свеченоста се одржа во „Реја“ павилјон на галеријата „Сепрентине“ кој во 2013 година е проектиран од Соу Фујмното, познат јапонски архитект и се наоѓа во центарот на Тирана. На настанот присуствувa претставници од македонската амбасада во Тирана, од мисијата на ОБСЕ во Тирана, претставници од руската амбасада, како и албанскиот комесар за заштита од дискриминација, заменик претседателот на владиниот комитет за национални малцинства, претставници на здруженија на малцинствата во Република Албанија и претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, како и други гости.
Што може да кажете за интересот што го побуди весникот меѓу читателската публика?
Изминатата деценија, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот. Да не биде нескромност, но може да се пофалиме дека досега имаме испечатено 47 броеви, а почнувајќи од март 2017 година, покрај печатената верзија весникот може да се следи и преку интернет-издание: www.vesnik-ilinden.com На тој начин нашиот весник стана достапен за целокупната јавност, како за сите Македонци во Албанија, така и во регионот и цел свет. Исто така, од септември 2017 година, весникот е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и е дел од двата најголеми читани вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk. Во истовреме весникот е достапен во Националната библиотка во Тирана, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, како и во библоотеката на Македонската академија на науките и уметностите.
Која е мисијата на весникот, ако се знае дека е единствен печатен медиум на македонски јазик во Албанија?
Беше и останува да го поттикнува и одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет на Македонците во Република Албанија. Остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Албанија и на Македонија, како и од Македонците ширум светот. Во изминатиот период весникот имаше голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија и континуирано работи на заштита и афирмација на нивниот македонски етнички, јазичен и културен идентитет и традиции. Вредно е да се спомне дека многу од македонските и светските информативни гласила користат податоци објавени во весникот “Илинден“. На тој начин, за многу значајни настани од животот на Македонците во Албанија, се информира пошироката светска јавност.
Кој се е вклучен во неговата подготовка и секако од каде имате најголема поддршка?
И во оваа прилика од име на редакцијата на весникот изразувам голема благодарност до сите соработници, кои несебично помогнале и особено за компјутерската обработка на Тримакс – Скопје, како и на печатницата Абази – Тирана. Исто време посебно благодарност сакам да упатам до Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада што овозможува весникот “Илинден“ да стане глас на Македонците во Република Албанија. Благодарност секако и до верната читателска публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги нуди весникот покажа дека со објавуваните информации навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Албанија. Кога сум тука, околу информирањето, во оваа прилика уште еднаш сакам да изразам огромна благодарсност до редакцијата на МИА, која редовно информира за сè што се однесува на Македонците во Албанија, тука и за активностите на друштвото, како и на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.
Во Албанија постојат повеќе македонски друштва, но друштво “Илинден“ е најактивно кога станува збор за заштита на националниот идентитет и остварување на правата на Македонците.
Македонско национално малцинство во Република Албанија има неколку здруженија, а секое од нив работи според нивните програми и зацртани цели. Како што е познато нашето друштво се појави во 2009 година и од почеток наметна нов стил на работење и заштита на националниот идентитет и подобрување на правата за Македонците и во 12 години делување се трудиме да сме целосно ангажирани и исто време ќе продолжиме да го правиме истото. Нашата активност се должи на отвореноста што ја имаме кон идеите и заложбите на сите Македонци кои се заинтересирани со нас да соработуваат и да споделат свои искуства. На тој начин, друштвото стана матица на Македонците во Албанија, во кое соработниците имаат доверба и сакаат да помогнат во остварување на заедничките цели за зачувување на идентитет на македонското национално малцинство во сите делови на Албанија. Иако, нашата првична намера беше да ја афирмираме македонската традиција во Голо Брдо, сепак, со оглед на интересот на Македонците од Преспа, Врбник, Елбасан, Тирана, ние го напуштивме првичниот концепт и станавме глас на Македонците во цела Албанија. Од многуте настани и активности, каде што веќе почнавме редовно да имаме свои претставници, сакам да ја споменам средбата кај претседателот Илир Мета, со претставници на малцинствата, кога во дворот на претседателската резиденција, се слушаше „Бисер балкански“ и се играше македонско оро. На средбата делегацијата на “Илинден“ ја предводена од Елса Џелили, координаторка за округот Елбасан.
Статус на национално малцинство на Македонците е признато, но само во регионот на Мала Преспа и Врбник, од каде доколку се иселат во друг дел на Албанија, тоа право го губат. Уште по падот на комунистичкиот режим вие баравте да се признае статус на национално малцинство на целата територија, очекувате ли нешто да се смени?
Македонско национално малцинство по падот на комунизмот во 1991 година почна да се организира во здруженија исто време и почна барањата за признавање на Македонците во Голо Брдо, Гора и цела територија на на земјата, како што беше признато во Мала Преспа. Како што е познато и во комунистичкиот период во Мала Преспа, македонското национално малциство беше признаено. И покрај нашите напори, до денес тоа не е случај. Но, тоа не значи дека Македонците во другите делови на Албанија не се изјаснуваат како Македонци и не реагираат кога некој ќе им го оспори или нападне нивното национално чувство.
Во тој однос деновиве имавте остра реакција, како многупати до сега, за обидите, како што наведувате за побугарување на Македонците во Голо Брдо.
Деновите пред новогодишните празници бугарските пропагандисти во Република Албанија, со нов обид да бараат Бугари во селата во Голо Брдо, каде што повторуваме нив ги нема. Имено, конзулот на бугарската амбасада во Тирана делел новогодишни пакетчиња на учениците од училиштата „Елез Кочи“ и „10 покојници“, стои во реакцијата на друштвото. Македонците од Голо Брдо ја осудуваат оваа подла и необјаснива акција на бугарската амбасада во Тирана и упатија порака во која јасно се отсликува македонското чувство на Македонците од Голо Брдо, во која порачуваа дека отсекогаш биле Македонци и никогаш нема да бидат Бугари. Ние сме жители со достоинство и горди сме што сме Македонци со векови, порачуваа Македонците од Голо Брдо до светот. Повторувам дека во Албанија, ниту мало ниту има Бугари, не сме Македонци. Можеби некој добил бугарски пасош, што единствено е од економски причини а тоа што бугарското малцинство беше вметнато во законот за малцинства беше под уцена на Бугарија за европската интеграција на Албанија и ништо друго. Колку Бугари има во Албанија потврдија изборите во Бугарија, кога беа пријавени да гласаат само вработените во амбасадата во Тирана. Сликата е сосема јасна.
Каква е вашата соработката со македонската амбасада во Тирана?
Раководството на друштвото има редовен контакт со македонската амбасадата. Мораме да истакнеме дека имаме одлична соработка со амбасадорот, Данчо Марковски, но и со целиот персонал. Преку редовна комуникација и координација работиме на сите полиња за унапредување на положбата на македонско национално малцинство во Република Албанија. Гледајќи дека Македонците имаат голема верба и почит кон амбасадорот и амбасадата, дрштвото и ќе продолжи со редовната соработка со амбасадата во Тирана.
Вие сте избран за член на албанскиот Национален совет за граѓанско општество, што несомнено е резултат на вашата ангажираност. Што значи тоа за Македонците во Албанија?
На 22 јуни 2021 година на јавен конкурс бев избран за член на Националниот совет за граѓанско општество на Република Албанија. Јас сум единствен претставник од редовите на малцинствата така што Македонците во Албанија за првпат добија свој член во ова тело. Овој совет е институција формирана од Владата на премиерот Еди Рама во 2015 година. Иницијативата за формирање и организирање на Националниот совет за граѓанско општество Владата на премиерот Еди Рама ја презеде, по согледувањето на потребите и намерите за приближување на законодавството, но не само во државните структури, туку за уште попрецизно за функционирање на граѓанското општество. Во тригодишниот мандат како припадник на македонското национално малцинство, јас ќе бидам гласот и на другите национални малцинства во Националниот совет за граѓанско општество. Целта на делување е демократизација, владеење на правото, човековите права и интеграција во ЕУ. Поконкретно основната мисија на овој Совет е да гарантира институционална соработка со граѓанските организации во корист и во функција на проширување на демократијата.
Многу ретко зборувате за личниот живот, но повеќе од јасно е дека во вашата максимална ангажираност имате голема поддршка од семејството.
Јас сум претседател на Македонско друштво “Илинден“-Тирана 12 години и 10 години главен и одговорен уредник на истоимениот весник, уште од времето кога не бев во брак. Тогаш беше полесно да се комуницира и да се патува меѓу Македонците низ Албанија и секаде каде имав покана за присуство. По стапувањето во брак време останува сè помалку, во семејстовото имам обврски бидејќи треба да се посветам и на нашите две прекрасни деца, ќерка и син. За волја на вистината имам огромна поддршка од сопругата за целиот мој ангажман во однос на македонско национално малцинство во Република Албанија. Дури имам и помош со цел да постигнам во квалитетно извршување на сите ангажамни што ги имам. Секако, тоа е нешто за почит и за тоа сум многу благодарен.
И на крај што посакување во новата година.
Секако, секоја нова година претставува можност за проценка на стореното, но и планирање на идни активности. Во Новата 2022 година очекувам зголемен ангажман во однос на македонското национално малцинство во Албанија, со оглед на постојаниот интерес на Македонците да се вклучуваат во нашите активности. Посакувам секому да му се реализираат посакуваните желби. Среќна Нова година и честити Божикни празници со желба за многу бериќетна година.
Од име на редакцијата на МИА Ви благодарам за интервјуто ви посакувам плодна спешна година во секој аспект.
Вера Тодоровска