
Собранието денеска ја започна 130. пленарна седница, на која беше изгласана потребата за носење на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за градење на предлог на Владата и Предлог законот за изменување на Законот за рибарство и аквакултура, по скратена постапка. По гласањето на дневниот ред, започнува поставувањето на опозициските прашања. Претседателот на Собранието даде еден час пауза по процедуралната забелешка на координаторката на пратеничката група на ДУИ Рина Ајдари, која побара министрите да дојдат во пленарната сала.
Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка, што беше образложен од вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.
Предложениот закон се однесува на усогласување со некои нови текови, што се потребни да се направат, пред се во делот на зелената енергетска транзиција. Исто така, правиме усогласување во однос на барања на МВР, што се однесуваат на заштита на критичната инфраструктура во сопственост на државата. А исто така овозможуваме објектите што во стопроцентна државна или општинска сопственост, да можат полесно да бидат изградени, со цел државните органи полесно и побрзо да ги користат. Исто така, решаваме бројни отворени прашања од изминатиот период, што се однесуваат на изградба на патишта, автопатишта, железници, итн. што државата ги гради. Гледате дека имаме еден интензивен инвестициски циклус во изминатиот период, и затоа е потребна оваа законска измена – рече Николоски.
Како што се наведува во Предлог-законот, основни цели се усогласување со одредбите од Законот за енергетика и подзаконските акти произлезени од него, на тој начин што за градбите за производство на електрична енергија наместо прибавување на известување за започната постапка за издавање на овластување за изградба на објект за производство на електрична енергија, ќе се прибавува известување од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, дека градбата е опфатена со годишниот план за изградба на објекти за производство на енергија, како и предвидување на системско решение за давање на мислење од Министерството за внатрешни работи на проектната документација при издавањето на одобрение за градење за градбите од областа на патната инфраструктура. За градбите од членот 73 став (1) од Законот за градење се воспоставува соодветен начин на постапување преку соодветна примена на Законот за заштита на културно наследство, а воедно за истите во рамките на технолошко индустриските развојни зони се воспоставува соодветна надлежност за постапување по поднесените бара од страна на закупците и сопствениците на земјиштето, или од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.
Преку предлог одредбите се врши овозможување постапките за реконструкција, адаптација и реконструкција со адаптација на градбите во рамки на заштитени подрачја и/или споменички целини исклучувајќи ги контактните зони и тоа: објекти од профана архитектура-христијански и исламски, објекти од сакарална архитектура-христијански и исламски и археолошки локалитети, како и за градбите кои се опфатени со поединечен акт за заштита да се вршат согласно одредбите од Законот за заштита на културното наследство. Исто така и регулирање на преземените постапки за реконструкција на објектите во сопственост на државни органи, јавни претпријатија, правни лица во целосна или доминантна сопственост на Република Македонија и други субјекти основани од Владата.или Собранието, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, на тој начин што се овозможува запишување во Агенцијата за катастар на недвижности, се со цел регулирање на имотно правниот статус на истите – се посочува во Предлог-законот.
Со предложената измена на членот 112 од Законот за рибарство и аквакултура за продолжување на рокот на важност од овој член ќе се овозможи непречена исплата на финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за реализација на предвидените мерки во годишната Програма за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата преку досегашните воспоставени системи, до донесување на нов Закон за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата.
На дневен ред на 130. пленарна седница се и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост, во второ читање, предлог-одлуката за изменување на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, предлог-одлуката за изменување на одлуката за избор на шеф, членови и заменик-членови на делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предлог-одлуката за изменување на одлуката за избор на шеф, членови и заменик-членови на делегацијата на Собранието на Република Македонија во парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ), предлог-одлуката за изменување на одлуката за основање пратенички групи на Собранието на Република Македонија за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави.
Пратениците треба да се изјаснат и за предлог-одлуката за избор на членови на Советот за граѓански надзор, предлог-кандидатот за именување на член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија, предлогот на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија за 2027 година, предлог-одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија за 2027 година, предлог-резолуцијата за миграциската политика на Република Македонија 2026 – 2030 година, со акциски план и предлогот на автентично толкување на член 23 ставови (1) и (2) од Законот за урбанистичкото планирање и барањето за давање на автентичното толкување на членот 17 од Законот за пожарникарството, а во врка со членот 2 став (2) од Законот за безбедност и здравје при работата, поднесено од пратеничката Славјанка Петровска.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, по скратена постапка со којшто се бараше породилно отсуство за жените земјоделки, не беше изгласано да биде ставен на деневен ред на седницата.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden