“Нова Македонија“ интервју со Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво “Илинден“-Тирана: Повик до македонското национално малцинство во Република Албанија масовно да се одзве на пописот

Македонското друштво “Илинден“-Тирана упатува јавен повик до македонското национално малцинство во Република Албанија масовно да се попише на пописот, кој ќе започне на 18 септември 2023 година и ќе трае шест недели. Македонците во Република Албанија не треба да чувствуваат притисок и треба слободно да се изразат на претстојниот попис во Република Албанија, се наведува во повикот на македонското друштво.

Септемврискиот попис на населението во Република Албанија како повод

По две одложувања, наесен ќе започне долгоочекуваниот попис на населението во Албанија. Најпрво беше планирано да се спроведе во 2020 година, но беше одложен поради пандемијата на коронавирусот. Потоа беше најавено дека ќе почне на 1 октомври 2022 година, но повторно беше одложен поради необезбедување алатки потребни за собирање информации на терен. На крајот, албанскиот институтот за статистика – ИНСТАТ информира дека пописот ќе започне во септември 2023 година, во согласност со стандардите и препораките на Обединетите нации и Статистичката канцеларија на Европската Унија (Евростат).

Последниот попис на населението во Албанија беше спроведен во 2011 година, меѓутоа целиот процес се карактеризираше со одредени контроверзии, особено ако се земе предвид дека беше бојкотиран од Македонците и другите малцинства. Како причина за бојкотирање на пописот беше наведен „дискриминаторскиот закон за попис со кој се предвидуваше казна од илјада долари за секој што ќе каже друга етничка припадност од онаа што му ја пишува во матичната евиденција“. Поради бојкотот, малцинствата беа попишани според матичната евиденција, поради што се доведе во прашање точноста на податоците.

За оваа проблематика, Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво “Илинден“-Тирана, нагласува дека резултатите од последниот попис не биле прифатени и биле оспорени како од малцинствата и верските заедници така и од домашните и меѓународните институции што се занимавале со мониторинг на правата на малцинствата. Според Ѓурѓај, неопходно е албанските власти да го слушнат гласот на малцинствата и да се признае статусот малцинство и на Македонците во Голо Брдо, Гора и на целата територија на Република Албанија.

Признавање на статусот малцинство и на Македонците на целата територија на Република Албанија

Последниот попис, спроведен во 2011 година, го бојкотираа Македонците и другите малцинства во Република Албанија, а резултатите не беа прифатени и беа оспорени како од малцинствата и верските заедници така и од домашните и меѓународните институции што се занимаваат со мониторинг на правата на малцинствата. Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана, вели дека на последниот попис попишувачите ги пополнувале формуларите според евиденцијата во граѓанскиот регистар и затоа Македонци има само онаму каде што се им се признава статусот малцинство.

За да не се повторуваат лошите искуства од 2011 година, неопходно е албанските власти да го слушнат гласот на малцинствата. Во Република Албанија статусот на етничка припадност на малцинствата им се признава само во општините што се признаени како „малцински општини“. За Македонците тоа се општината Пустец и селото Врбник, како и општината Девол, за Грците општините Химара и Финиќ. Со напуштање на таа територија, каде и да живеат во Република Албанија припадниците на малцинствата автоматски во граѓанскиот регистар ги запишуваат како Албанци – посочува Никола Ѓурѓај. По падот на тоталитарниот режим, македонските друштва, заедницата и партијата во континуитет бараа признавање статус малцинство и на Македонците во Голо Брдо, Гора и на целата територија на Република Албанија, но досега нема измени во тој аспект.

Пописот на населението во Република Албанија е предвидено да трае шест недели. Процесот ќе го следи методот на паралелно броење, заснован на теренски операции, со пополнување прашалници од страна на попишувачите. Поради проблемите со пописот што се јавуваат во текот на целиот процес, ние сметаме дека треба да се вклучат и Македонците да имаат увид на целиот процес на пописот – вели Ѓурѓај.

Пописот им е главен приоритет на Македонците

Во овој момент пописот им е главен приоритет на Македонците во Албанија, затоа што со изјаснувањето како Македонци ќе се спречи асимилацијата, која повторно зема замав, ќе се зачуваат македонскиот јазик и култура, а наедно ќе им се застане на патот на стремежите за нивна асимилација од страна на Софија. Во оваа конотација, македонското друштво „Илинден“-Тирана упатува јавен повик до македонското национално малцинство во Албанија масовно да се попише на пописот, кој ќе започне на 18 септември 2023 година и ќе трае шест недели.

Македонците во Република Албанија не треба да чувствуваат притисок и треба слободно да се изразат на претстојниот попис, по слободна волја – се наведува во повикот на македонско друштво “Илинден“-Тирана. Во споменатиот повик се наведува и дека врз основа на пописот секој може слободно да се изрази во Република Албанија како Македонец и дека мајчин јазик му е македонскиот. Наедно, апелираме да не се подлегнува на ниеден притисок, од каде и да доаѓа. Како дел од планираните активности за зачувување на македонскиот национален идентитет, македонското друштво “Илинден“-Тирана ќе започне со кампања за издигање на свеста кај Македонците во Република Албанија.

Кампањата е под мотото „Горе главата – изјасни се дека си Македонец“, со цел да се издигне свеста кај Македонците да се изјаснат како она што се. Нѐ има насекаде низ целата држава. Главно сме во областите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник, но и во Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Кукс, Билишта, Поградец, како и во други градови. Кампањата е на три јазици, македонски, албански и англиски, а освен во електронското издание на весникот “Илинден“, ќе ја има и во други медиуми во Албанија. Во меѓувреме, продолжуваме интензивно да работиме и на зачувувањето на нашиот идентитет, култура, традиции, историја и обичаи – нагласува Никола Ѓурѓај.

Повик до македонското национално малцинство во Република Албанија масовно да се одзве на пописот

Advertisement