Нови две аудиоизданија од едицијата „Незаборав“ на Ансамблот Танец

Асамблот „Танец“ одигра историска мисија и докажа дека Република Македонија со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет. Дваесет и осум македонски изворни народни песни и десет традиционални ора содржат двете нови аудиоизданија, петто и шесто, од едицијата „Незаборав“, која од 2011 година ја реализира Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ со поддршка од Министерството за култура. Меѓу новообјавените песни се „Невесто, црвен трендафил“, „Девојче, девојче“, „Жетварски песни“, „Ја излези стара мајко“, „Филипо моме“… како и „Правото“, „ Мајското оро“, „Падарското оро“, „Сватовското оро“…  Со нив вкупниот број на објавени композиции достигна 114, од кои 85 се вокални изведби, а 29 инструментални композиции, снимени на лонг-плеј плочи во 50-тите и 60-тите години на минатиот век и објавени од повеќе издавачки куќи.

Директорот на „Танец“ Зоран Џорлев на промоцијата рече дека како и во претходните четири изданија, и овие содржат по 19 композиции и најави дека „Незаборав“ ќе продолжи со следни изданија се додека, како што рече, не бидат исцрпени сите композиции. Тука се застапени солисти, дуети, триа, машка пејачка група, женска пејачка група, мешана пејачка група, народен оркестар, изворен и чалгиски оркестар.

Се надевам дека и овие, петто и шесто издание, ќе ја збогатат фонотеката на многу љубители на македонската народна музика, а на младата генерација ќе и послужи за пример како треба да звучи и да се интерпретира македонската народна музика – рече Џорлев. Тој соопшти дека Оркестарот сега е зголемен и има 19 членови и дека им недостига инструментот канон, но добиле ветување дека наскоро ќе им биде набавен и го очекуваат. Најави и снимање цеде на акапела композиции на машката пејачка група.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека едицијата „Незаборав“ ја покажува грижата за македонското музичко наследство и фолклорно богатство кое длабоко ги одразува идентитетот и историјата на македонскиот народ. Таа нагласи и дека „Танец“, со своите настапи и гостувања низ светот, е меѓу најголемите амбасадори на македонската култура и таа мисија ја исполнува седум децении.

„Танец“ одигра историска мисија и докажа дека Република Македонија со својата богата етнокореолошка традиција зазема маркантно место во семејството на народите кои ја споделуваат својата богата култура со целиот свет. Во таа смисла, овој проект е своевидно сведоштво за исклучително плодотворните резултати на ансамблот „Танец“ во собирањето, негувањето, зачувувањето, надградувањето и афирмирањето на нашите културни вредности кои се наше национално обележје.

Овие музички изданија се потсетник и патоказ за многу идни генерации, како да се сака, почитува и чува сопствената традиција, култура и држава – истакна Канческа-Милевска, додавајќи дека Министерството за култура и во иднина ќе продолжи со поддршката за зачувување на богатото македонско нематеријално културно наследство. На промоцијата настапи Изворниот оркестар на „Танец“ кој го отсвири „Мајско (Велигденско) оро“, како и женската и машката пејачка група кои ги изведоа „Легнала Дана“ и „Помниш ли, либе, Тодоро“ придружени од Оркестарот на „Танец“

Advertisement