Обединетите Нации бараат Бугарија да ги почитува правата на македонското малцинство (ВИДЕО)

Бугарија има обврска да ги почитува правата на малцинствата и да осигура дека никој нема да биде дискриминиран врз основа на нивниот слободно избран идентитет, изјави за Гласот на Америка Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, на барањето да го искоментира условот на Бугарија да се впишат Бугарите во македонскиот Устав, додека против неа постојат 14 пресуди на Судот во Стразбур за прекршување на правата на македонското малцинство на нејзина територија.

Канцеларијата за човекови права на ОН го посочи извештајот што независен експерт на ОН за малцински прашања го претставил до Советот за човекови права во јули 2011 година, согласно кој, Владата на Бугарија се повикува да ги заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.

„Извештајот ја повикува бугарската Влада да ги обезбеди и заштити правата загарантирани во уставните одредби на земјата за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучително и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство. Извештајот, исто така, нагласува дека политиките кои се однесуваат на признавањето и правата на малцинските групи мора да се проценат во однос на обврските на државата, согласно меѓународниот закон за човекови права“, изјави Канцеларијата за човекови права на ОН.

Овој извештај забележува дека Владата на Бугарија „негира постоење на етничко македонското малцинство“, тврдејќи дека припадниците на оваа заедница се всушност етнички Бугари.

Во него се вели и дека „македонскиот јазик не се признава ниту се учи во училиштата и Македонците не се застапени во Националниот совет за соработка на етничките и интегративните прашања“.

Канцеларијата за човекови права на ОН вели дека правата на малцинствата се заштитени со различни договори за човекови права, вклучително и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, а како потписник на двата договора, Бугарија има обврска да ги почитува обврските кои произлегуваат од нив.

„Националниот закон треба да ги признае правата на малцинствата и да осигура ниту еден поединец или група да не страда од неповолна положба или дискриминаторски третман врз основа на нивниот слободно избран идентитет како припадност (или не) на етничка, верска, јазична или која било друга група“.

Од Канцеларијата нагласија дека исполнувањето на ваквите обврски од страна на Бугарија го следат Комитетот за човекови права и Комитетот за елиминирање на расната дискриминација.

Македонците во Бугарија го поздравуваат барањето на Обединетите нации преку Канцеларијата за човекови права да побара нивната матична земја да признае постоењето на македонско малцинство.

„Жално е што македонците во Бугарија наоѓаат повеќе солидароност, разбирање и поддршка во меѓународните институции отколку во владите на држава што го носи името Македонија“, вели за Сител Стојко Стојков од ОМО “Илинден”-Пирин./www.sitel.com.mk

 

 

Advertisement