Објавен e Конкурсот за учество на 11. Школа за млади лидери на Претседателот проф. д-р Ѓорге Иванов

Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов информира дека по 11-ти пат ќе се одржи традиционалната Школа за млади лидери, но прв пат во онлајн издание, поради мерките и препораките за превенција од корона вирусот. Денес е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, која оваа година ќе биде на тема: „Лидерството во услови на глобални кризи“.

КОНКУРС
за учество на Меѓународна обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, декември 2020 година. Единаеста Школа за Млади Лидери на Преседателот Иванов на тема „Лидерството во услови на глобални кризи“

Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, традиционално се одржува од 2010 година. Вкупно, во досегашните 10 обуки, учествуваа околу 400 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред десетте генерации учесници на Школата за млади лидери, свои предавања одржаа над 200 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со глобалните предизвици, меѓународната конкуренција и културните и религиски различности.

Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира онлајн, на платформата Zoom, во месец декември, во три последователни викенди, и тоа, 5-6 декември, 12-13 декември и 19-20 декември 2020 година.

Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство, фокусирани на искуствата и знаењата кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат, и нивно интерактивно вклучување на предавањата.

Предавањата ќе се одвиваат на македонски и англиски јазик.

Бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија кои ги исполнуваат следниве услови:
– Одлично познавање и активно користење на англиски јазик;
– Просек од високо образование, еднаков или поголем од 8,5. (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство) ќе се смета за предност;
– Работно искуство од една до пет години, како и магистратура од соодветната област, ќе се смета за предност.

Потребни документи за aпликација (електронска копија):
– Кратко мотивациско писмо,
– Биографија,
– Уверение за положени испити/Диплома, и
– Две препораки од вашата организација, компанија или факултет.

Критериумите за селекција на учесниците во Школата за млади лидери се засновани, пред сè, врз академските и професионалните достигнувања на апликантите.

Вашата апликација можете да ја поднесете најдоцна до 26 ноември 2020 година, на следниот линк: https://forms.gle/UL6MH4JfW2LDD5uaA

Во случај на технички проблеми при аплицирањето и дополнителни прашања, можете да се обратите и на следната е-пошта: contact@gjorgeivanov.mk

Advertisement