Објавен Конкурсот за учество на 12. школа за млади лидери на поранешниот претседател Иванов

Објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов, која оваа година ќе биде на тема: „Лидерство во акција“.

Програмата на „Школата за млади лидери на претседателот Иванов“, која ќе се одржи по 12-ти пат, е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство.

Како што информираат од кабинетот на поранешниот претседател Иванов, се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира комбинирано, онлајн и со физичко присуство, следниот месец, во периодот од 12-28 ноември 2021 година.

Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство, фокусирани на искуствата и знаењата кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат. Предавањата ќе се одвиваат на македонски и англиски јазик.

Бројот на учесници на Школата е ограничен, а право на учество имаат сите млади кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот објавен на веб страната и на фејсбук страната на поранешниот претседател Иванов.

Иванов беше шеф на државата од 2009-2019 година, а Школата за млади лидери се одржува од 2010 година. Во досегашните 11 обуки учествуваа околу 440 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус, а предавања одржаа над 220 реномирани предавачи од земјава, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Advertisement