Обраќање на претседателот Пендаровски на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на традиционалниот годишен прием што за претставниците на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија, го приреди вчеравечер во Скопје.

Како доајен на дипломатскиот кор, на приемот се обрати амбасадорот на Република Албанија, Фатос Река.

Почитуван Министер за надворешни работи,

Почитуван Aмбасадорe Река, доајен на дипломатскиот кор во Република Македонија,

Ваши екселенции,

Дами и господа,

Дозволете на почетокот да ви посакам добредојде на традиционалниот годишен прием за членовите на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Македонија и да ви посакам добро здравје, среќа и успех вам и на вашите семејства, а на вашите држави успех и напредок на секое поле во претстојниот период.

Зад нас е година исполнета со бројни активности и заложби за унапредување на односите меѓу Македонија и државите коишто ги претставувате и за тоа би сакал да изразам особена благодарност за вашиот ангажман и придонес.

Ме радува што во изминатиот период го задржавме интензитетот на контактите и партнерските односи додека разговаравме за различни аспекти од билатералната и мултилатералната соработка, европската интеграција, стабилноста и безбедноста во регионот и пошироко, реформите и политичките случувања кај нас.

Во последната година од овој мој мандат како претседател имав можност да реализирам значајни посети во повеќе држави меѓу кои, Кралството Белгија, Чешката Република, Обединетите Арапски Емирати и да остварам бројни средби со мои колеги, претседатели, на маргините на различни меѓународни настани, но и да бидам домаќин на претседателите на Унгарија, на Словенија и на Косово.

Изминатата година, Скопје, преку завршниот министерски состанок на ОБСЕ, самитот на претседатели на држави на Брдо-Бриони процесот, министерскиот состанок на Јадранската повелба, Струга преку Преспа-форумот за дијалог и Охрид како домаќин на дијалогот Белград ─ Приштина, беа центри каде што се дискутираа и носеа важни одлуки не само за регионот, туку и за европскиот континент. Ова за нас, како мала држава е навистина од особено значење.

Оттука, сакам да се заблагодарам на сите коишто учествуваа во реализацијата на овие активности, вработените во мојот кабинет, вработените во Министерството за надворешни работи, дипломатскиот персонал во вашите амбасади и сите оние што понесоа огромен товар за успешната реализација на овие важни форуми.

Ваши екселенции, почитувани пријатели,

Како претседател на држава којашто се наоѓа во турбулентен регион, во изминативе, безмалку пет години настојував да водам балансирана, транспарентна и предвидлива надворешна политика, во интерес на мирот и безбедноста, добрососедството, стабилноста, просперитетот и заедничките вредности коишто ги споделуваме со демократските земји.

Европската интеграција на Македонија и на Западниот Балкан, постојано беа во центарот на моите заложби и на заложбите на мојот тим најблиски соработници. Во тоа верувам уште од почетоците на мојот јавен ангажман и ќе продолжам да се залагам за таа идеја до нејзината целосна реализација.

Зборувајќи за европската интеграција во мојот мандат, работата не ја дозавршивме, бидејќи по направените компромиси коишто не беа на штета на македонските национални интереси, ги почнавме преговорите по долги 17 години чекање со статусот на кандидат, но внатре во државата и покрај јасно исцртаниот пат и отворената врата, не успеавме да ги усвоиме уставните амандмани, со што, по успешно завршениот скрининг, ќе можевме да го продолжиме процесот со втората меѓувладина конференција.

Сепак, по долги години со замрзнат статус, направивме крупен чекор напред и дојдовме во фаза во којашто прогресот во интеграциите сега зависи само од нас, а не од некој надворешен фактор. Во оваа смисла, целокупниот процес на интеграции покажа дека во тој потфат не сме сами, затоа што изградивме цврсти партнерски односи со безмалку сите земји членки на Унијата, коишто ќе бидат повеќе од потребни во периодот којшто ќе следи и коишто ќе бидат гаранција дека интеграциите ќе се одвиваат во европски манир, без поставување препреки и измислување критериуми коишто немаат ништо заедничко, ниту со преговорите, ниту пак со европските вредности.

Истовремено, сиот овој период на неизвесност, исполнет често со непринципиелни барања и напади врз нашите идентитетски атрибути, доведе до значителен пад на поддршката за европската интеграција, пред сè, меѓу Македонците, што треба да нè загрижува не само нас, туку и државите коишто веруваат во проширувањето на Унијата и го сметаат за клучен влог во безбедноста и просперитетот на континентот.

Имајќи го ова предвид, јас продолжувам да верувам дека нашата иднина ќе биде многу попредвидлива како членка на Унијата, отколку да сме сами или да правиме обиди за интегрирање во некои други форми коишто немаат допирна точка со демократските вредности.

Затоа сакам да го реафирмирам мојот став дека државата мора да остане на патот на европските интеграции и градењето на добрососедски односи, без оглед на тоа кој ќе биде во извршната власт по изборите во мај оваа година.

Истото се однесува и на мојата визија за регионот на Западниот Балкан, којашто од првиот ден на мојот мандат беше и остана дијаметрално спротивна на идеите за промена на границите, размена на територии, концептите за големи држави, или вакви или онакви светови. Западниот Балкан, интегриран во ЕУ ќе биде безбеден, економски просперитетен и отпорен на злонамерни влијанија и тоа треба да биде приоритет за секој одговорен политичар, пред сè, кај нас, но, и во Брисел.

Оттука доаѓаше и мојата поддршка за новата методологија за преговори, за заедничкиот регионален пазар, планот за инвестиции, планот за раст, зелената агенда и принципот на постепена интеграција, со став дека за иднината на регионот постојат убави идеи, но недостасуваат одлуки, коишто нема да останат во доменот на бирократската симболика, туку реално ќе нè придвижат напред.

Иднината на регионот заслужува уште поголемо внимание во пресрет на предизвиците со коишто ќе се соочиме оваа година, којашто е година на избори во повеќе држави, но, и во нашите клучни стратешки партнери, ЕУ и САД.

Растот на популизмот во Европа не е новина, но како никогаш до сега, популистите добиваат на политичка тежина и одлучувачка моќ во процесите во коишто е вклучена и нашата држава. Сето ова се случува на фонот на руската инвазија врз Украина, конфликтот на Блискиот Исток и тензиите во односите меѓу клучните фактори во меѓународните односи.

Без оглед на исходот од сите овие изборни циклуси, длабоко сум убеден дека кохезијата во евроатлантскиот блок и процесите на натамошна интеграција и проширување на Европската Унија со регионот на Западен Балкан, мора да бидат императив за владите во Европа и во Вашингтон, доколку навистина сакаме мир и стабилност на европскиот континент.

Во овие рамки, посебно значење има исходот од војната во Украина и поддршката којашто демократскиот свет ѝ ја дава на оваа европска земја бидејќи поразот на Украина, без сомнение, ќе биде пораз и на демократијата и широко отворање на вратите за режимите, коишто не се однесуваат демократски ниту кон своите граѓани, а уште помалку во меѓународните односи

Ние, како мала држава, уште од почетокот ја демонстриравме нашата поддршка и солидарност со херојскиот украински народ којашто мора да продолжи и да трае сè додека Украина не ги достигне своите цели во оваа неправедна војна.

Екселенции, драги пријатели,

Во однос на домашните политички прилики, мојата намера денес не е да го повторувам сето она што го говорев во моето петто годишно обраќање во Собранието, каде што јасно подвлеков како гледам на тековните политички процеси.

Неколку недели нè делат од почетокот на предизборната кампања за претстојните претседателски и парламентарни избори, од чијшто исход ќе зависи и динамиката на реформските процеси, борбата против организираниот криминал, високата корупција, реформата на јавната администрација, функционирањето на правната држава, како и соочувањето со секојдневните проблеми коишто обичниот граѓанин го прават честопати да се чувствува запоставен од оние чијшто приоритет мора да биде решавањето, имено, на тие проблеми.

Ни претстои период во којшто политичките тензии и емоциите ќе растат, но, во кој не смееме да дозволиме борбата за власт да ги поткопа основите врз коишто е градено нашето општество сите овие години.

Одговорноста на нас, политичарите е да не дозволиме политичките опоненти да прераснат во непријатели. Изборниот процес мора да биде фер, мирен и демократски, а следната влада да ја одразува волјата на граѓаните и нашата етничка различност.

По изборите, одговорноста на политичарите ќе мора да се мери освен со исполнување на изборните ветувања, и со практичната посветеност кон натамошно хармонизирање на меѓуетничките односи и продолжувањето на европските интеграции.

Во однос на уставните промени, идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата и ова прашање час поскоро да го затвори, затоа што државата мора целосно да се фокусира на решавање на секојдневните проблеми, коишто ќе ги ублажат негативните демографски трендови и нискиот животен стандард на македонските граѓани.

На крајот, Ваши екселенции, дозволете ми, кревајќи ја оваа чаша, уште еднаш, да посакам благосостојба и напредок на вашите држави и организации, а вам лично, многу среќа, здравје и успеси.

ЗА УСПЕШНА ГОДИНА!

Ви благодарам.

Advertisement