Албанската влада најавува нов модел на финансиска поддршка за семејствата со деца, како и 4.000 поволни станбени кредити за млади брачни парови кои сакаат да го купат својот прв дом.
Бонусот за новороденчиња во Албанија се очекува да претрпи промени од 1 јули 2027 година, односно досегашната еднократна исплата при раѓањето на детето да биде заменета со месечна финансиска поддршка во текот на првите пет години од неговиот живот.
Ова го соопшти вицепремиерката Албана Кочиу, која преку видео објавено на социјалните мрежи ги претстави деталите од новата шема.
Според најавениот модел, семејствата ќе добиваат по 5.000 леки месечно за првото дете, 7.000 леки за второто и 10.000 леки за третото дете.
Така, вкупната финансиска поддршка во период од пет години ќе изнесува 300.000 леки за првото дете, 420.000 леки за второто и 600.000 леки за третото дете.
„Од еднократна исплата при раѓањето, преминуваме кон поддршка што продолжува секој месец во текот на првите пет години од животот на детето“, изјави Кочиу.
Покрај поддршката за семејствата со деца, предвидени се и 4.000 поволни кредити за млади брачни парови кои сакаат да го купат својот прв дом.
Од нив, 2.000 кредити ќе бидат со каматна стапка од 0% за станови со вредност до 61.000 евра, додека останатите 2.000 ќе бидат со камата од 3% за станови со вредност до 200.000 евра.
Според Кочиу, поддршката за семејствата треба да ги опфати сите фази – од раѓањето и одгледувањето на децата до создавањето семејство и обезбедувањето прв сопствен дом.
Новата шема за месечна финансиска поддршка се очекува да започне да се применува од 1 јули 2027 година.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
