Од кампот „Ал- Холит“ во Сирија извлечени четири жени и девет деца и ќе бидат вратени во Албанија

Нова група, во која се наоѓаат четири жени и девет деца, се извлечени од кампот „Ал-Холит” во Сирија и ќе бидат вратени во Албанија.

Сите тие се членови на семејства на албански борци кои им се приклучија на исламските екстремистички групи, кои војуваа во Сирија и во Ирак. Тие се извлечени од кампот и сириските власти ги предале на албански претставници предводени од Албан Даутај, директор на секторот за антитероризам, пренесува Ора њуз.

Ова е четврта група на албански жени и деца кои се извлечени од кампот „Ал-Холит” или вкупно 38 досега. Се смета дека во кампот се уште има најмалку триесеттина албански жени и деца.

Претходната група која пристигна на 31 јули минатата година и ја сочинуваа пет жени и 14 деца беше извлечена благодарение на либанските власти. Во овој случај премиерот Еди Рама и министерот за внатрешни работи, Бледи Чучи, лично беа во Бејрут и заедно со чартер лет пристигнаа во Тирана.

Нема да запреме додека не ги вратите сите, вети тогаш Рама.

Во октомври 2020 година пет Албанки беа вратени назад, додека 12-годишно дете беше вратено во 2019 година, кај неговиот татко кој живее во Италија, а таму го однела мајка му.

Околу 200 албански граѓани се приклучија на страната на Исламската држава и други терористички групи во Сирија и Ирак од почетокот на 2010 година. Најмалку четириесет беа убиени, а нивните жени и деца беа заробени во сириските кампови.

Advertisement