Сто и осум години од Тиквешкото востание беа одбележани денеска во Кавадарци, со положување цвеќе пред споменикот во паркот „Полана”.

Историчарот Петре Камчевски потсети дека востанието кое започнало на денешен ден во 1913 година, било израз на револт против насилствата, теророт, убиствата и силувањата што ги извршиле тогашните српски воено-административни власти врз населението во Тиквешијата, во време на интерегрумот меѓу Првата и Втората балканска војна.

Востанието започнало со пукање врз чиновниците, офицерите, жандармите и другите претставници на српската власт во Кавадарци. За кратко време биле ослободени Кавадарци, Неготино, Ваташа, Криволак и уште 50-сетина населени места во Тиквеш. Востаниците имале свој штаб кој го сочинувале војводи и револуционери од времето на Илинденското востание. На востаниците им пристапиле и четите на Васил Чакаларов, Петар Чаулев, Милан Ѓурлуков, Христо Чернопеев, Ѓакон Евсатиј и други и нивниот број изнесувал повеќе од 1000 борци. Во Кавадарци било симнато српското знаме и било поставено Револуционерното тиквешко знаме од 1903 година на кое пишувало „Слобода или смрт”, а под него “Тиквешки револуционерен округ”.

По 7 дена, на 25 јуни голема српска војска предводена од Василие Трбиќ, а во чиј сосстав имало и неколку башибозучки дружини како на Јаја Ага Малиќ, Јован Долгачот, Јован Бабунски и други, успеале по големи борби да ги потиснат востаниците од Кавадарци, Неготино, Ваташа, а овие заедно со голем збег од народ, морале да се повлечат кон селата под планината Кожув.

Српските воени власти жестоко се справиле со населението, биле убиени 545 луѓе според извештајот на Карнегиевата комисија, 1000 куќи и дуќани биле запалени, 2700 луѓе биле затворени, а повеќе од 10000 биле приморани да ги напуштат своите домови и да емигрираат во Бугарија. Најмогу жртви имало во Неготино-117, Бохула-44, Ваташа-37, Кавадарци-25, Прждево 35 и слично. Причините за Тиквешкото востание и последиците од него, претставуваат најголемиот злостор врз народот од овој крај во поновата историја на Тиквешијата, нагласи Камчевски.