Одбележани 250 години од раѓањето на Кирил Пејчиновиќ во Тетово

Со свечена академија и музичко-културна програма вчера во Тетово се одбележаа 250 години од раѓањето на просветителот, народниот учител и игумен Лешочки, Кирил Пејчиновиќ – Тетоец. Настанот го организираше Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи, пред платото од новата управна зграда на Музејот на тетовски крај, објектот познат како поранешен Дом на Армијата. Слово за ликот и делото на просветителот Кирил Пејчиновиќ одржа поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан. Си спомнуваме за 250 годишнината од раѓањето на нашиот голем духовник за тоа време и околности, плоден книжевен деец, писател, народен просветител и богослужител игуменот Кирил Пејчиновиќ – Тетоец.

Сите споменати описи за него му прилегаат на неговиот лик и дело, затоа што спомнувајќи го и вечерва и по овој повод отецот Кирил ние го имаме предвид и споменот од неговата  личност поради црковното и народно дело. Каква смисла ќе има некој да си спомнува за нечие раѓање ако нема дела што вистински го осмислиле неговото постоење, истакна во пригодното обраќање поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан. За Кирил Пејчиновиќ, како значајна личност чие дело се нарекува епохално и колосално, зборуваше и Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи.

Игуменот, просветител и народен учител е еден од најголемите од нас. Во што се соостои големината на неговото дело. Во едно мрачно доба на 18 и 19 век, во време кога човечкот живот не вредел многу, во време кога црквите се граделе под нивото на земјата Кирил Пејчиновиќ живеел и создал многу. Во едно вакво време успева да обнови два манастири – Лешошки манастир и Марков манастир Свети Димитриј во Скопско.

Успева да печати книга во далечниот Будим, да собере пари за во Солун ја обнови македонската печатници за неговата втората книга. Кирил Пејчиновиќ е пример дека без разлика на околносите со кои се соочуваме ние како народ можеме да постигнеме и големи дела. Радува тоа што во нашиот крај 250 години по неговото раѓање се уште е силен споменот на него, истакна Даријан Сотировски. Дел од настанот беше изложба на еден од најдобрите тетовски и македонски академски сликари Павле Кузмановски, а беа изложени 24 уметнички дела – портрети.

Застапени се портрети од значајни и знаменити личности покрај Кирил Пејчиновиќ. Имаме голем број тетовчани кои биле познати и признати во своето место но и пошироко во другите градови и низ светот, како и други личности од Републиката и светот, изјави Павле Кузмановски Плакета за особен општествен придонес и создавање трајни вредности беа доделени на организации и институции кои го носат името на Кирил Пејчиновиќ како и на поединци. Во музичкиот дел од програмата премиерно беа две песни по текстови на Блаже Конески- „Река“ и Молитва“.

Advertisement