Официјално отворена Амбасадата на Македонија во Братислава

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска во Братислава официјално ја отвори Амбасадата на земјава во Словачка, во присуство на неговиот словачки колега, министерот за надворешни и европски работи Иван Корчок. Сигурен сум дека овој нов убав и топол дом на Македонија во Словачка, ова катче ќе биде уште една точка преку која ќе ја развиваме нашата соработка, еден вид хаб низ кој ќе проаѓаат бројни идеи, проекти, иницијативи кои се од заеднички интерес за граѓаните на двете земји.

Македонија и Словачка и досега развиваа исклучително позитивни и квалитетни билатерални односи, но сакам да верувам дека со денешниот чин влегуваме во едно ново поглавје на интензивни билатерални односи помеѓу нашите две земји. Убеден сум дека преку Амбасадата ќе го засилиме нашето пријателство кое е во постојан подем; ќе бидеме и фактички многу поблиски, поврзани и секако поефикасни во реализација на нашите амбиции, истакна Османи.

Како што соопшти МНР резидентното дипломатско претставување на Македонија во главниот град на Словачка ќе даде дополнителен поттик за сестран развој на односите меѓу двете држави. Со отворањето на наше дипломатско-конзуларно претставништво во Словачка, напорите за обезбедување на поинтензивна комуникација, посебно на планот на економската соработка, културата, образованието, заштитата на интересите на нашите граѓани и мноштво други активности, ќе придонесат за нова димензија на квалитетот на меѓусебните односи, се наведува во соопштението на МНР.

Покрај размената на мислења за билатералните односи, отворањето на Амбасадата е искористено и двајцата министри да разговараат за најновите состојби, предизвиците и перспективите на процесот на нашата европска интеграција, а во светло на значајните одлуки кои претстојат за првата меѓувладина конференција и формалното започнување на пристапните преговори на Македонија со Европската унија.

На тој пат, уште еднаш беше потврдена силната и гласна поддршка на Словачка за неодложен старт на преговорите за нашата држава, ангажман кој ќе продолжи и во наредниот период, стои во соопштението од МНР. Двајцата министри размениле мислења и за други теми од заемен интерес, за регионалната соработка, како и напорите за справување со последиците на Пандемијата и наредните чекори на овој план

Advertisement