Официјална посета на сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија Александер Шаленберг на Република Македонија

Денес во официјална посета на Република Македонија, престојуваше сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг. Во рамки на посетата, министерот Шаленберг оствари средби со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Владата Зоран Заев.

На средбата во МНР, во фокусот на разговорите беа европските интеграции на Република Македонија и очекувањата од претстојниот октомвриски Совет на Европската Унија. Министерот Димитров информираше за позначајните постигнувања и резултати во клучните реформски области, нагласувајќи дека посетата на австрискиот колега доаѓа во време кога Македонија ги одбројува последните денови до очекуваната одлука за започнување на преговори, при што поддршката од австриските пријатели беше и останува од непроценливо значење.

Во тој контекст, министерот Димитров подвлече: ,,Позитивната одлука во октомври ќе придонесе не само кон зголемена доверба, кредибилна потврда на европската перспектива, предвидливост и позитивна динамика во регионалните случувања, туку ќе даде и поттик, за продолжување со вложување сили и енергија кон ребрендирање на регионот и неговиот имиџ во корист на младите генерации.”

Од страна на гостинот, беше поздравена силната посветеност на Владата на Република Македонија за спроведување на реформите неопходни за забрзување на европската интеграција на земјата и реафирмиран ставот дека остануваат силен поддржувач на нашиот заслужен напредок кон натамошно приближување кон Европската Унија.

Во годината кога двете земји одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи, со задоволство беше констатирано дека Австрија, како најголем странски инвеститор во Македонија, спаѓа меѓу оние држави со кои имаме најбогата соработка во различни области од заемен интерес.