
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав без реципрочно признавање на македонско малцинство во Бугарија, за што декларативно досега се залагала Македонија, би значело откажување од барањата за правата на Македонците во Бугарија. Ова е ставот на ОМО „Илинден“ за барањето од страна на Бугарија и ЕУ до Македонија за извршување уставни измени за да ги почне преговорите за членство во ЕУ
Македонците во Бугарија уште еднаш би се почувствувале изневерено од Македонија доколку Бугарите се вметнат во македонскиот устав. Вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав без реципрочно признавање на македонското малцинство во Бугарија, за што декларативно досега се залагала Македонија, би значело откажување од барањата за правата на Македонците во Бугарија. Ова е дециден став на ОМО „Илинден“- за барањето од страна на Бугарија и ЕУ до Македонија за извршување уставни измени за да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
Република Македонија е пред ново чувствително решение: впишувањето на Бугарите како уставно признаена заедница. За Скопје ова е европска обврска – клучен чекор кон напредокот во преговорите за членство во ЕУ. Но за друга група, ова решение звучи како болно дежа ви: Македонците во Пиринска Македонија и во цела Бугарија. Причината е едноставна. Во последните години македонските политичари повеќепати истакнуваа дека Бугарија мора да го признае македонското малцинство, да ги гарантира човековите права на Македонците и да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права. Сега, сепак, Македонија е подготвена да направи симболичен и правен гест кон Софија – без паралелно да ги постави истите барања кон Бугарија – велат од ОМО „Илинден“.
Затоа, денешната ситуација не се доживува како дипломатски гест, туку како повторување на стар модел: Македонија прави компромис за својата европска иднина, додека Македонците во Бугарија повторно остануваат без поддршка. Без заштита на нивните права, без спроведување на меѓународните одлуки и без официјално застапување – се наведува во соопштението на ОМО „Илинден“ што го објави членот на организација Атанас Кирјаков.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden