ОМО ,,Илинден” од Пиринска Македонија го прослави својот 31 роденден

Во 1913 година со Букурешкиот договор пиринскиот дел од македонската територија, под притисок на руската држава, ѝ бил доделен на Бугарија.

Од тогаш до денес, со исклучок на мал периот после Втората светска војна, Македонците во Пиринска Македонија, согласно меѓународната и бугарската регулатива, се борат за признавање на основните човекови права. Но, независно од фактот што Македонците во Бугарија се чесни и достоинствени граѓани на бугарската држава, кои придонесуваат за нејзиниот економски и културен развој, до денес немаат ниту основни права како малцинство. Македонците во Бугарија, за остварување на своите права се организирани во неколку организации чие делување не можат да го озаконат поради ригидноста на бугарските институции кои негираат нивно постоење.

Една од тие организации е Обединетата македонска организација „Илинден“ (ОМО „Илинден“)  која е основана на 14 април 1990 година во градот Сандански (Пиринска Македонија). Нејзината цел е да работи на културно и морално издигнување на македонското население, кое заради бруталноста на бугарската власт и заради лишување од човекови права е подложено на денационализација и асимилација.

Оваа година Обединетата македонска организација „Илинден“ (ОМО „Илинден“) го прослави својот 31 роденден, а по тој повод испрати допис до јавноста.

Во дописот, покрај другото, се вели: „Името Македонија, македонски, македонски е гордост, достоинство и радост за личноста – име пренесено низ вековите од нашите прадедовци до денес. ОМО „Илинден“ се бори за доделување граѓански и национални права на Македонците во Бугарија (и сите други етнички заедници) во согласност со Повелбата за човекови права и меѓународните договори на Хелсинки и Виена и сите последователни форуми. ОМО ‘Илинден‘ ги штити сите национални, политички, социјалните, верските и економските права на населението во Пиринска Македонија. Среќен празник на сите лидери, членови и поддржувачи на Обединетата македонска организација ‘Илинден‘ со желба да бидат сè уште посветени, енергични и целисходни во својата работа, да бидат здрави и успешни во семејниот и јавниот живот“.

Македонското друштво „Илинден“- Тирана им го честита 31-от роденден на сите членови и симпатизери на Обединетата македонска организација „Илинден“ (ОМО „Илинден“) во Пиринска Македонија со желба Европската Унија и сите нејзини институции да се заземат за реализирање на сите судски одлуки на европскиот суд во Стразбур за озаконување на организациите на Македонците во Бугарија и нивно непречено работење за зачувување на македонските корени на Македонците во Бугарија.

Advertisement