Орбан преговара со десничари за формирање нова пратеничка група во ЕП

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес потврди дека неговата партија Фидес преговара со европските конзервативни политички сили, вклучувајќи го и италијанскиот популист Матео Салвини, за формирање нова парламентарна група во Европскиот парламент (ЕП), пренесува Ројтерс.

Агенцијата наведува дека Орбан денес на унгарското државно радио изјавил дека, откако неговата партија ја напушти парламентарната група на конзервативната Европска народна партија (ЕПП) во ЕП во средата, имал разговори со некои политички сојузници во Полска, но не кажа кои се тие.

Орбан ги потврди шпекулациите за преговори на Фидес со лидерот на италијанската крајнодесничарска партија Лига на Матео Салвини, но и со Џорџо Мелони, кој ја предводи ултрадесничарската партија Браќа на Италија, пренесува Ројтерс.

Агенцијата наведува дека унгарскиот премиер истакнал дека неговата партија нема да брза по ова прашање и дека целта е Фидес во Европскиот парламент да се поврзе со слични сили кои не сакаат мигранти во ЕУ и се залагаат за заштита на традиционалното семејство.

Advertisement