„Степенот до кој угледот на Европскиот парламент во Унгарија е нарушен со последниот скандал не може да биде понизок“, порача и додаде дека е време за „сушење на мочуриштето“ во Европската Унија. Американската агенција истакнува дека Орбан таа фраза ја позајмил од поранешниот американски претседател Доналд Трамп и ја употреби да го нападне Брисел поради неодамна откриениот корупциски скандал во врска со сомнежот за малверзации на одделни пратеници со готовина за услуги во кои наводно е вклучен и Катар.
АП истакнува дека конференцијата за медиуми е можеби единствената прилика во годината кога Орбан дозволува поставување прашања на унгарските и светските медиуми кои се критички настроени кон владата. Како што се наведува, популистичкиот премиер, кој во април го освои четвртиот последователен мандат, е во чести конфликти со Брисел, кој го обвинува за кршење на демократските норми, голема корупција во државните органи и намалување на правата на малцинствата.
Дополнителни тензии меѓу Будимпешта и Брисел прави лобирањето на унгарската влада против санкциите против Москва поради војната во Украина. Орбан, кој се смета за еден од најтесните сојузници на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ, тврди дека санкциите се неефикасни како притисок врз Русија да се прекине војната и дека повеќе штета им прават на европските отколку на руската економија.