Основање на Македонски бизнис клуб во организација на Амбасадата на Македонија во Тирана

Во организација на Амбасадата на Република Македонија во Тирана на 17. 04. 2019 година беше основан „Македонски бизнис клуб“. Станува збор за граѓанска асоцијација во која членуваат претставници на македонски компании присутни во Албанија, македонски експерти, носители на проекти и учесници во меѓународни програми ангажирани од меѓународни организации, како и граѓани кои по разни основи се ангажирани во албанските институции.

Основачи на Клубот се амбасадорот Данчо Марковски, Бранко Богучевски, Менаџер за Македонија, Албанија и Косово, ВАРУС дел од МЕРЦК КГАа, Весна Мицева – Тодоровска, Генерален Директор, Конгресен Сервисен центар, Стефан Плавјански, Територијален менаџер за Албанија и Косово, Hewlett Packard Enterprice, Гоце Цветкоски, Директор на фабриката ТИТАН АНТЕА ЦЕМЕНТ, Мухамед Ибрахими, Вршител директор на Даути, Фатос Мустафи, ДОНИ ФРУИТС; Братислава Танасковиќ, РИКО, Јасмина Гелева, Меѓународен консалтинг и менаџмент Скопје – Тирана – Лондон, Јелена Лазова, Проект менаџер на Сеавус груп и Валентин Нешовски експерт. Клубот е од отворен карактер па во наредниот период се очекува зголемување на бројот на членови.

Основните постулати во работата на Бизнис клубот се создавање непосредни меѓусебни релации и контакти, размена на информации и идеи за поуспешен организиран настап на албанскиот пазар, како и решавање на прашања од заемен интерес. Клубот е од отворен карактер. Приоритетите на членовите на Клубот се градење заедништво помеѓу претставниците на македонската деловна заедница и интелектуална средина, во насока на подигнување на својот углед меѓу албанските структури, демонстрирајќи го притоа  македонскиот дух на претприемништво, меѓународно експертско искуство и промоција на Македонија.