Партијата на Асад победи на парламентарните избори во Сирија

Владејачката сириска партија Баас и нејзините сојузници освоија мнозинство на парламентарните избори одржани на 19-ти јули. Партијата на претседателот Башар ал Асад и нејзините сојузници освоија 177 од 250 места во Парламентот на третите последователни избори од почетокот на војната во Сирија пред девет години, јавуваат арапските медиуми на англиски јазик. Претседателот на изборната комисија, Самер Замрик, рече дека 33 проценти од гласачите излегле на гласање во неделата, помалку отколку во 2016 година, кога имало 57 проценти од нив.

Сиријците гласаа на повеќе од 7.000 избирачки места, некои во поранешните упоришта на бунтовниците каде владините сили ја повратиле контролата во последните две години. Изборите, закажани за април, двапати беа одложени поради пандемијата на вирусот корона. Противниците на Асад ги опишаа изборите како фарса.

Изборите се одржаа во услови на строги здравствени мерки воведени за да се спречи ширењето на вирусот „Ковид-19“. Тие беа одржани по воведувањето на нови американски санкции, кои се во сила од минатиот месец, но и кампањата за борба против корупцијата, во која богат роднина на претседателот Асад е под притисок да врати десетици милиони долари на државата.

Околу 1.658 кандидати учествуваа на изборите за 250 пратеници во Националното собрание на земјата. Гласањето не беше спроведено во северозападната провинција Идлиб, последното упориште на бунтовниците во таа земја, кои ги контролираат курдските трупи поддржани од САД.